Mинистерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, во неделното интервју на Радио Слободна Европа, посочува дека не очекува манипулации со новогодишната кошничка, а слична мерка најавува и за Рамазан и Велигден. Тој исто така рече дека не треба да се укине „недела неработен ден“, но некои дејности треба да се ослободат, а зголемување на границата за пензионирање не се предвидува.
Прашан за акцијата Новогодишна кошничка, Дурмиши вели, дека се почитува и е применлива.
– Според податоците што ги имавме од есенската кошница каде ги замрзнувавме цените на 10% на трговија на мало и на големо, таму беа опфатени околу 73 одредени групи на производи, таа мерка ги даде своите резултати. Сега имаме друг вид на мерка која сами ја нудат трговците, производителите и дистрибутерите. На 5 декември кога беше најавена оваа мерка, ние до тогаш имавме повеќе од 10 состаноци и беа опфатени 675 производи од 58 трговци. Сега додека зборуваме, уште повеќе се надополнуваше таа бројка. Стигна до 1.068 и кошницата е отворена до 15 јануари…. Овие акции се акции каде во временски период кога се празниците, ние како Влада задно со бизнис комората излегуваме во пресрет на граѓаните за подобрување на животниот стандард и намалување на цените. Нормално дека ќе има и понатаму, како што е рамазанската, велигденската кошничка итн, посочува Дурмиши.