Сместено на околу 40 километри од Прилеп, во прегратките на вечниот рај Мариово, блеска со својата убавина, историја и автентичност, манастирот посветен на Св. Никола во с. Манастир.
Ова светилиште кое потекнува од најраниот византиски период, е значаен споменик на културата, кој изобилува со извонредни фрески, древна архитектура и духовност која одзема здив.
Од вредните фрески се издвојуваат: “Св. Богородица со ангелите” и фреската на “Св. Никола”, изработени во многу редок стил на сликање, кој е уште застапен само во црквата во Курбиново и во Св. Софија во Охрид.
Манастирот датира од 11 век, или поточно од 1095 година. Притоа многу пати бил рушен и возобновуван, па така од написот на еден од црковните кораби се дознава дека сегашната црква е подигната во 1266 година.
Аршеолошките истражувања покажуваат дека во средниот век манастирот бил центар за целата област. Тоа го докажуваат многубројните пронајдени артефакти и коски на монаси откриени во дворот на манастирот.
Куќите во селото иако оставени на работ на заборав, ги задржале својот украсен колорит и ја надополнуваат оваа божја сеприсутност.
Овој мал духовен рај е вистинска реткост во овие краеви, не само по долгата историја, туку и по мирот, тишината, раскошната природна убавина и жуборот на Црна Река, која го надополнува целиот живопис на единствено со Божја рака допрениот предел.
Присуството на ова место ќе ви даде духовен мир, благодет на душата, ќе ви го врати спокојот и ќе ве обземе со прекрасните пејсажи.
Ова е едно од ретките места што одзема здив, место каде таинственоста и мистичноста, кои растеле низ вековите, создале еден бескраен бунар кој прелева од тајни и богатства.
Мариовската дивина е еден широк мозаик со неверојатни предели, а манастирот Св. Никола во с. Манастир е најсjaјниот дијамант, кој сеуште треба да се истражува.
Александар Георгиоски