Ракометарите на Прилеп продолжуваат со максимален ефект во суперлигашкиот плеј-аут, откако на гостински терен го совладаа Пролет со 30-29, запишувајќи ја четвртата победа во исто толку натпревари во борбата за опстанок.
Клучна фигура во триумфот беше голманот Иван Ангелески, кој блесна со вкупно 14 одбрани, а херојскиот момент го имаше во самиот финиш, кога одбрани пенал по истекот на регуларното време, спречувајќи израмнување по ударот на Стоилевски и обезбедувајќи вредни бодови за својот тим.
Прилепчани подобро го отворија натпреварот и рано поведоа со 3-0, задржувајќи ја предноста во поголемиот дел од првото полувреме. Сепак, домаќините од Пролет се вратија во игра и во еден период имаа и водство, но на паузата се замина со израмнет резултат 15-15.
На почетокот од второто полувреме, капитенот на Пролет, со два брзи погодоци донесе водство од 17-15, но Прилеп експресно возврати и повторно ја презеде контролата врз резултатот.
Во завршницата, гостите имаа предност од 27-24, но Пролет успеа да се доближи на само еден гол разлика и пропушти можност за израмнување. Тоа Прилеп го искористи и со два брзи погодоци повторно се одлепи на 30-27. Иако домаќините намалија на 30-29 и добија пенал во последните секунди, Стоилевски не успеа да го совлада Ангелески од седум метри.
Најефикасен во редовите на Прилеп беше Шипинкоски со седум гола, додека Димитриоски и Илиески постигнаа по пет. Кај Пролет, по седум погодоци запишаа Стоилевски и Андоновски.
























