Авторот на колумната е проф.по предучилишно образование и воспитување. Вработена во 00У,,Блаже Конески,,
Анегдота која честопати некогаш се слушаше низ прилепската чаршија. Во она време кога чаршијата имаше мирис на штотуку испечатени весници, кои беа разнесувани доцна наваечер или изутрина (за тоа друг пат).
Анегдотата раскажува дека во нашата Стара чаршија, еден трговец отворил дуќан. Целиот во надеж и среќа дека работата ќе тргне. Но, ете не му се посреќило и ставил клуч на дуќанот. Неговата желба не стивнувала, а разочарувањето пак се претворило во надеж. Го променил местото на дуќанот, средил и дотерал се’, ги следел дуќанџиите од спротива, до него… ама пуст нeк’смет пак дуќанот празен. Без муштерии, а тој во загуба. По втор пат ставил клуч на дуќанот и ги спуштил кепенците.
Седнал човекот да размислува, што, како да направи за да работата тргне. Сигурно се прашал каде греши. Мислел, мислел и како бива ништо не смислил и во набој на лутина и бес на цел глас извикал:
– A бе, до кога вака??? – дури извикал му текнало, фирмата ќе ја крсти ,,ДО КОГА ВАКА,,?
И од инает прилепски, збор не кажал на никого, туку вечерта отворил нов дуќан, а на него со големи букви напишано името на фирмата ,,ДО КОГА ВАКА,,.
Анегдотата вели дека со новото име на фирмата “ДО КОГА ВАКА”, работата тргнала, тој се усреќил, почнала да врти парата и конечно се здобил со статус на дуќанџија. Под мустаќ знаел да се поднасмее кога го прашувале кој е клучот на успехот. Тој итрец од прилепски ков ќе им намигнел на луѓето и ќе го насочел погледот кон небото со зборовите ,,сполај му Него,,.
Па ако човек во денешно време се поразмисли за анегдотата, има нешто и да научи. Дека трета среќа е џек пот во општеството, во кое ние сакале или нејќеле, живееме заедно во овај град и во оваа држава Р.Македонија!
Аналогно на анегдотата, на паметен човек од нигде никаде ќе му светне идеја да стави натпис ,,ДО КОГА ВАКА,, на многу институции, кои толку се западнати, што ни монетарниот светски фонд не може да ги извлече од (не)чесното работење.
Претпочитам, министерството за здравство под итно да си го смени името ,,ДО КОГА ВАКА,, и трета среќа загарантирана за сите. И за министерот и по хиерархија надолу. Да види човек и да не верува, како работите ќе се подобрат. Доктори од Европа ќе бараат вработување во нашите болници со цел медицински персонал. Болниците чисти без бактерии и опасност по човечкиот живот, вработените насмеани и среќни, ќе бараат и викенди дежурства. Среќа на сите страни. Тоа пациентите, мерак да им е да се разболат, па да ги третираат како живи битија, а не како (сакаш здравје, дај мито).
Претпочитам министерството за финансии да си го смени името ,,ДО КОГА ВАКА,, и се ќе тргне како со лој подмачкано. Нема игри за сиромаштијата со ,,мој ДДВ,, народ среќен полн со бенифити. Па тоа задолжувањето за отплата на стари долгови без извршители, со реална каматна стапка, јавни набавки, закони и прописи, се’ во името на народот. Среќа блеска, странски реномирани стручњаци ќе ни идат за обука во државичкава. Рај !
Претпочитам министерството на образование наука да си го смени името ,,ДО КОГА ВАКА,, па ќе видиме аир сите, родители, наставници, деца. Учебници доставени уште во јуни за наредната учебна година. Тоа програмата, скоцкана, а бе да крцка од убост. Историја застапена, македонски јазик учебници без намерни грешки, тоалетите по училиштата средени како аптека, а не извор на зараза. Инвестиции натрупани, а бе милина да не знае човек што побргу да реализира, тендери без врски и мито. Убавина! Гледаш Финска со цел тим седнал кај министерот и бараат како да си го подобрат образованието. Оф, сон ли е ова?
Претпочитам министерството за култура да се преименува ,,ДО КОГА ВАКА,,. Трета среќа! Лектори кои си го знаат мајчиниот јазик, македонски нели. Театрите по сите стандарди, не како овај нашиов кутар театар во Прилеп. И тоа не е се’, кога ќе изградат нов театар, а бе Бродвеј нема да ни е рамен. Глумци пеат, народ културно се издигнува, нема караници кој да режира, нема лутенки за ,,ролјите,, Просто, експерти од Чешка ќе земаат пример од нас што е тоа театар!
Претпочитам уште многу промени на името на институции со ,,ДО КОГА ВАКА,, и ако пишувам, стара вечера ќе ме фати…
Пред да ја привршам колумната. Претпочитам на Собранието на Р.Македонија (нашиот парламент) да го стават името ,,ДО КОГА ВАКА,, Затворете очите и замислете. Само замислите. Пратениците во служба на народот. Нема огромни патни трошоци. Истите ги донираат на најранливата категорија на сиромашни. Багателната храна од бифето, повторно донирана секојдневно по домовите за стари лица и домовите за деца и студентските мензи. Народот среќен што ги гласал и уште од сега вика дека пак ќе ги гласа, оти животот ни го просвелија. Гледаш, цел свет бара совет од пратениците, зошто само кај нас владее права демократија!
Претпочитам на многу формални и неформални политички објекти, формирани како партии да си ја стават фирмата ,,ДО КОГА ВАКА,, па ќе им тргне со куп членство, млади, стари, се’ агилно. Ажурирањето до небо! Има да си ги почитуваат активистите и нема да се плашат од интелектуалците. Трета среќа!!!
И на крај, што посебно ми е тешко, ставете бе табли на излез и влез на Р.Македонија со името ,,ДО КОГА ВАКА,,
И не гаснете ја сијалицата, белким трета среќа, ќе тргне работата !
,,сполај му Него ,,
Павлина С. Звездоска