Со порака на надеж, грижа и одговорност, кампањата #РСБСПнаТерен продолжи и во новата 2026 година, посетувајќи ги првородените деца ширум Македонија.
Вчера, претставничката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), Даниела Перканоска – генерален менаџер на компанијата “Авто Контрол” од Прилеп, ја посети болницата „Плодност“ во Битола, каде што на свет дојде првороденото бебе – жител на Општина Крушево во 2026 година.
Во знак на поддршка и грижа за најмладите, на семејството му беше донирано детско седиште за автомобил, како симбол на безбедно детство и одговорно учество во сообраќајот. На мајката и новороденчето им беа упатени искрени желби за многу здравје, радост и бериќет во новата година.
Од РСБСП потсетуваат дека празниците се време за семејство, љубов и нови почетоци, но и момент кога секој поединец треба да покаже одговорност и почитување на сообраќајните правила.
„Секој живот е важен“ – пораката што ја носи оваа кампања е јасна: со совесно однесување и почитување на законските прописи, можеме да придонесеме празничните денови да бидат исполнети со радост и среќа, а не со трагични последици.























