Европскиот парламент усвои построги прописи кои имаат за цел да спречат повторување на скандалот на Волксваген со манипулацијата на емисиите на штетни гасови.
За нацрт законот, кој ќе ја зголеми контролата на Брисел и ќе овозможи казни за автомобилските произведувачи во износ до 30.000 евра по возило, гласале 585 пратеници, додека 77 биле против, пренесува Ројтерс.
– Новите мерки на крајот ќе ги отстранат дизел автомобилите од патиштата. Нема да исчезнат веднаш, по многу побргу отколку што може да замислиме – изјавила европската комесарка за индустрија Елжбиета Бјенковска.
Според новиот закон, автомобилските компании нема веќе директно да вршат уплати на агенциите за тестирање, а земјите членки на ЕУ ќе мора да финансираат центри за тестирање на издувните гасови.
Официјален Брисел, исто така ќе добие овластување да врши контрола на возила и да одреди казна во случај на прекршок.
Овој закон се уште треба да биде финализиран во преговорите на европските парламентарци, Европската комисија и земјите членки.
Како одговор на скандалот на Волксваген од септември 2015 година, кој во свои 11 милиони автомобили ширум светот инсталирал софтвер за манипулирање со емисијата на штетни гасови, Европската комисија предложила измени на прописот во врска со начинот на кој се лиценцираат и тестираат возилата во ЕУ.
Овој закон се уште не е пристигнат во Македонија, но доколку почне да се спроведува во другите земји, како што поминува времето дизел автомобили ќе има се помалку, па во блиска иднина нема да можеме да ги купуваме.