Денеска во општина Прилеп продолжи доделувањето на новогодишните пакетчиња за најмладите. Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, заедно со Дедо Мраз ги посетија учениците во ОУ „Страшо Пинџур“ во населеното место Мало Коњари, градинката во населеното место Беровци, ОУ „Круме Волнароски“ во н.м Тополчани како и градината во Тополчани. Пакетчиња беа поделени и во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Канатларци како и во градинката во ова неселено место која се наоѓа во состав на училиштето.
„Денеска ги посетивме првачињата во централните училишта во Мало Коњари, Тополчани и Канатларци. Исто така пакетчиња им донесовме и на дечињата кои ги посетуваат градинките во Беровци, Тополчани и Канатларци. Поделивме околу 100 новогодишни пакетчиња, им ја честитавме Новата година на дечињата им посакавме многу здравје, радост, среќа и успех во наредната. Оваа прилика ја користам да ги повикам сите дечиња заедно со нивните родители во сабота на 31 декември да дојдат во центарот на Прилеп каде со почеток во 11 часот ќе има подготвена богата детска програма. Продолжуваме со исто така со проекти за подобрување на квалитетот на работата и наставата во во училиштата во сите населени места. Досега имаме инвестирано многу во овие училишта, но сето тоа што недостасува е анализирано од страна на колективот и ние како локална самоуправа во иднина ќе ги реализираме тие инвестиции“, рече Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Дечињата за оваа пригода одржаа и пригодна програма. Во наредните денови ќе продолжи доделување на новогодишни пакетчиња за дечињата кои ги посетуваат градинките во градот Прилеп.