“Директорска плата колку цела мака за годишен тутун? За ова ли гласавте?” (Видео)

Директорот на Тутунски Комбинат земал 210.000 месечна плата, а дел од тутунарите толку заработуваат годишно – За ова ли гласавте, стои во насловот на вчерашната прес конференција од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Прес конференцијата во целост ја пренесуваме во продолжение:

“На две недели од изборното соочување и победата на ВМРО-ДПМНЕ, секојдневно сме сведоци на расипничкото трошење од страна на кадрите на СДСМ во заминување. Прилепчани денеска се шокирани откако вчера слушнаа колкава сума на име плата добивал генералниот директор на Тутунскиот Комбинат.

Информацијата која синоќа ја сподели во јавност носителот на изборната листа во четвртата изборна единица, Александар Николоски, ги разгневи тутунарите во Прилеп и прилепско.

Како партија и општински комитет кој ја разбира маката на земјоделците тутунари денеска прашуваме:

Дали додека 10.000 семејства, кои егзистираат од производство на тутун во овој регион, се мачат по нивите, директорот на Тутунски Комбинат, Кире Станкоски зема околу 210.000 денари месечна плата?

Како директорот ќе им го објасне ова расипништво на тутунарите кои за време на откупот мака мачеа да го предадат своето производство?

Дали Станкоски добивал речиси 3,5 илјади евра плата додека тутунарите го предаваа својот род под реалната класа?
Почитувани,

Целата јавност беше сведок кога за време на откупот, тутунарите го палеа своето производство во знак на протест.
Земјоделците не биле и никогаш нема да бидат приоритет за оваа ненародна власт во заминување.

Не смееме да им дозволиме на Зоран Заев и неговите локални послушници да продолжат да си поигруваат со луѓето, кои со најголема мака и труд обезбедуваат егзистенција за своите семејства.

На 15-ти јули завршува сето ова! Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе направи промена во Законот за тутун со што ќе се спречи откупот на увезен тутун, пред целосно да се откупи македонскиот.

Се обврзуваме на целосно враќање на достоинството на тутунарите, реално вреднување на трудот и зголемување на класите за откуп.

Следува Обнова на Македонија која ќе расчисти со директорите и функционерите кои се богатат на грбот на народот”.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.