После вчерашната последна дебата за решавање на проблемот со високите сметки на електрична енергија одржана во хотелот „Континентал“ во Скопје организирана од страна на Здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ во кое што и ние како Јавно комунално претпријатие сме член, а на која што дебата имаше и претставници од Владата на Република Македонија како и претставници на Регулаторната комисија за енергетика поточно директорот Марко Беслимовски, чувствувам морална обврска да ги известам нашите граѓани и нашите коминтенти дека не добивме конкретен предлог за решение на нашите проблеми – истакна на денешната прес конференција директорот на ЈКП Пазари Прилеп, Игор Крстески.
Прес конференцијата во целост ја пренесуваме во продолжение:
Притоа сакам да нагласам дека и ние како ЈКП Пазари – Прилеп и покрај сите мерки кои ги спроведуваме за намалување на потрошувачката на електрична енергија се соочуваме со драстично зголемување на сметките за електрична енергија.
Електричната енергија за нас е основен енергенс без кој целосно би се нарушило нормалното работење на пазарот.
ЈКП Пазари не сака и не смее да си дозволи да не ја вклучи електричната помпа и да не го испере пазарот на овошје и зеленчук после пазарниот ден.
ЈКП Пазари и покрај енормното поскапување што ни се случува не сака и не смее да си дозволи да не набави доволно дезинфекциони средства и темелно не го испере пазарот за сирење после пазарниот ден. Замислете само како би изгледало доколку тоа би се случило. Би се ширела непријатна миризба до центарот на Прилеп, а пазарот би бил извор на зарази.
ЈКП Пазари исто така не сака да си дозволи исклучување на осветлувањето во пазарот. Притоа сакаме да нагласиме дека се работи за осветлување на 5.000 метри квадратни пазарен простор секој ден освен во недела.
Кон сето ова кога ќе го додадеме фактот што ЈКП Пазари работи со ценовник за своите услуги кој практично и да не отстапува многу од ценовникот на услугите донесен во 2004 година, можете сами да заклучите какви надчовечки напори вложуваме за обезбедување на нормално работење на претпријатието.
Ако кон оваа ситуација на енормно покачување на овој енергенс, се додаде отсуството на поддршка од страна на Централната кон Локалната власт, вклучително и поддршката на Јавните претпријатија од страна на Централната власт, се чини дека ЈКП Пазари како и сите други јавни претпријатија од градов и од Македонија, ќе бидеме приморани да бараме излезни решенија, кои вклучуваат и корегирање на постојните цени, односно ќе бидеме приморани да ги вклучиме во цената на нашите услуги новите пазарни вредности на енергенсите.
Почитувани сограѓани. Ова е уште еден случај каде се потврдува незаинтересираноста на Владата за решавање на проблемите што се во интерес на граѓаните. Дали ова се прави намерно при што се сака да се прикажат јавните претпријатија како помалку успешни или неуспешни, се со цел да се остварат политички поени, ве оставаме сами да донесете заклучоци?!
Притоа уште еднаш сакаме да ве информираме, дека што и да биде преземено од наша страна со цел прилагодување на конкретната ситуација, во прв план ќе бидат интересите на нашите коминтенти и граѓаните на нашата општина. Ви благодарам.