Димовски: Штом нема консензус за попис, не треба да има ни потреба од попис

Штом нема консензус за ПОПИС, не треба да има ни потреба од ПОПИС, напиша на својот Фејсбук профил поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски. Неговиот статус ви го пренесуваме во целост:

„Пописот да се прогласи за застарен модел на статистика !!!

▪️Следниве десетина дена се клучни за тоа дали и каков Закон за попис ќе донесе Република Македонија.

▪️Власта не покажа никаков демократски капацитет да прифати било каква забелешка или амандман од опозицијата.

▪️Претседателот на државата започна консултации за законот, но остана без никаква прецизна порака дека нема да потпише закон базиран на целосно отсуство на консензус. Се спрема да личи дека нешто прави, а сепак ќе си потпише закон каков и да се донесе.

▪️Опозицијата во Собранието покажа очигледен некоординиран настап, при што националната и политичка припадност се покажаа како позначајни од стандардите на Еуростат.

▪️Резултатите на оваа операција, според ваков закон, најмалку ќе се следните:

1. Пописот нема да резултира со конечни точни податоци;

2. Пописот нема да даде податоци кои се базираат на реалноста;

3. Пописот ќе ги попишува и оние кои никогаш (или од многу одамна) не живееле во Република Македонија, а на некаков начин имаат или добиле македонско државјанство;

4. Пописот нема да ги користи сите расположливи бази на податоци, избраните бази се селективно наведени;

5. Пописот ќе се спроведува од раководни лица од СДСМ и ДУИ, по систем на врзан потпис;

6. Пописот не е по стандарди на Еуростат, ЕУ и Обединетите нации;

7. Со пописот ќе се попишуваат државјани (имаме таква база), а не население (немаме таква база, а ни е потребна);

8. При попишувањето нема да е потребно приложување документи;

9. Сеуште се крие методологијата како ќе се спроведува пописот;

10. Нема да има постпописно истражување на точноста (верификација) на податоците;

11. Пописот на терен ќе го спроведуваат партиски активисти на СДСМ и ДУИ.

12. Пописот ќе даде погрешни резултати, на чија основа погрешно ќе ги планираме и распоредуваме инвестициите за развоја на различните општини и региони.

▪️Република Македонија и после повеќе од 25 години нема да добие попис чии резултати ќе бидат општо прифатени и признати.

▪️Спроведување на нов класичен попис, без согласност од пошироки сегменит од општеството и политички партии кои ги претставуваат поголемите етнички заедници, нема да е возможен пред одминување на 10 години.

▪️Оваа грешка на власта ќе има далекусежни негативни стратешки последици за државата Република Македонија.

▪️На Република Македонија и е потребен нов концепт, кој постои во многу европски земји, на годишно електронско пребројување на населението и останатите потребни информации и податоци.

▪️Република Македонија располага со дата бази со кои за кратко време (во рамки на еден месец) може да одговори на сите прашања поставени со пописот и без да се одржи попис. Некористењето на тие бази е гола политика и неспособност.

▪️Македонија има потреба да спроведува модерни статистички операции, електронски и дигитално.

▪️Овој попис ќе е гола политика, не треба само да се одбие или само да не се признае, туку треба да се намали неговото значење со споредлив, спроведлив и реален нов концепт за годишна државна статистика“, напиша Димовски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.