Во време кога постојано зборуваме за емпатија, прифаќање и еднакви можности, реалноста понекогаш нè потсетува колку уште треба да учиме – не децата, туку ние возрасните.
Ова не е приказна за попреченост. Ова е приказна за осаменост. За едно дете кое секој ден оди на училиште со желба да биде дел од друштвото, но наместо тоа – стои само на одмор.
Апелот не е насочен кон осуда, туку кон будење на свеста кај сите родители. Затоа што токму од нас започнува сè – начинот на кој нашите деца гледаат, прифаќаат и се однесуваат кон другите.
Приказната за Димитар Иваноски, 13-годишно момче со ангелски глас од Прилеп, е потсетник дека едно мало внимание, еден повик за игра, може да значи многу повеќе отколку што мислиме.
Во продолжение, ви го пренесуваме статусот на неговата тетка кој предизвика огромен интерес:
Ретко пишувам и несакам да должам многу, но толку сум лута, не на децата туку на нас родителите… Се работи за мојот внук Dimitar Ivanoski (детето што пее ) на вас на некои познат, на некои не (небитно) Димитар е дете со попреченост (96% слеп). Денес сакам да споделам нешто што многу ме допре како тетка и како човек.
И после се, тој се труди, учи, оди на училиште како и сите други деца. Но има нешто што многу повеќе боли од самата попреченост…
Осаменоста.
Ми кажа дека на секој одмор стои сам. Додека другите деца играат, разговараат и се смеат, тој стои на страна. Не затоа што не сака да биде со нив, туку затоа што не е прифатен.
Пред некој ден ни кажа нешто што ни го скрши срцето(мене како тетка,а замислете како е да сте во кожата на неговите родители): „Сакам да одам да учам во Скопје во училиштето за слепи деца… можеби таму децата ќе ме сакаат и ќе ме разберат“
Замислете дете од само 13 години да мисли дека мора да оди на друго место за да биде прифатено.Ова го пишувам не за да обвинувам некого, туку за да ги потсетам сите нас – родителите. Ние ги учиме нашите деца какви луѓе ќе бидат. Ние сме тие што можеме да им покажеме дека различноста не е причина некој да биде оставен сам.
Разговарајте со вашите деца. Научете ги да подадат рака, да поканат некого во игра, да бидат пријатели со оној што можеби е малку поразличен.
Понекогаш едно „Ајде играј со нас“ може да му го промени целиот ден на едно дете. Сите деца заслужуваат пријателство, насмевка и чувство дека припаѓаат.
Ако овој текст допре барем до еден родител и едно дете утре му пријде на некое осамено дете на одмор – тогаш вредеше да го напишам.
И да СПОДЕЛЕТЕ слободно, можеби ќе стигне до некого кому му треба да го прочита.
А ти Димитар продожи по патот на звездите и со твојот ангелски глас продолжи да освојуваш светски сцени и покажи дека небото е граница,за да еден ден твоите соученици покрај се бидат горди на тебе…. Те сакаме.
























