Денес сите на МОГИЛА: Шкендија мора да падне!

17634485_1158158810961845_547817971985393829_n

Со натпреварите од 31-то коло денес продолжува првенството на Првата лига. Од 16 часот на стадионот на АМС на Могила фудбалерите на Победа ги очекува ново искушение – натпревар со финалистот на Купот на Македонија и 2-ропласираниот тим на прволигашката табела Шкендија од Тетово.

По убедливиот пораз од Вардар на победашите им престои тежок и исклучително значаен натпревар. Тетовчани се единствениот тим кој ги доби сите 3 овосезонски меѓусебни натпревари со Победа и време е таа серија да биде прекината.

До крајот на првенството преостануваат уште 6 кола во кои ќе се решава кои екипи ќе ја преставуваат Македонија на меѓународна сцена, а кои ќе испаднат во Втората лига.

Дуелот со Шкендија за црвено-белите е првата меч топка. Со поволен резултат би се направил значаен исчекор кон опстанокот во елитното друштво. Како што засега стојат работите тој најверојатно ќе се осигурува низ два бараж натпревари со трететопласираниот во Втората лига.

Иако со намалени шанси прилепчани до последно коло ќе се борат не само за опстанок туку и за тоа 7-мо место кое директно го осигурува прволигашкиот статус.

Шкендија е несомнено квалитетен противник. Тим составен од повеќе репрезентативци и интернационалнци. Клуб кој вложува доста финансиски средства и сигурно на хартија фаворит пред почеток на натпреварот. Но, тоа е само на хартија и додека натпреварот не започне. Арно ама во 16 часот на теренот на АМС ќе излезат 11 на 11. Тука нема место ни за респект ни за пардон.

Од прва минута агресивно на топка. Борбено, паметно и офанзивно. Да не и се остави на Шкендија премногу простор да игра и нејзините фудбалери да размислуваат. Императивот на значење на бодовите е кај Победа. Домашните фудбалери се тие на кои во моментов бодовите им се повеќе потребни. Но, до нив ќе можат да дојдат само доколку изгинат на теренот. Да ги наттрчаат и надиграат противниците кои сигурно нема на тацна да им подарат ништо.

Агресивноста, но и концентрацијата мора да бидат присутни сите 90 минути од првиот до последниот свиреж на итернационалецот Ставрев. Офанзивно, но не безглаво. Остро, но не грубо. Одговорно и паметно на секој дел од теренот. Едноставно со борба и залагање да се стави до знаење на тетовчани дека бодовите треба да останат во Прилеп.

На свој терен Победа не смее да респектира никого и мора да игра на победа против секој. Без оглед кој ќе го започна натпреварот, и првите 11-мина и тие од клупата мора да бидат една хомогена целина. Колективот мора да биде над секој поединец. Пристапот на фудбалерите е еден од клучните сегменти. Со максимална самодоверба во сопствените можности и квалитети фудбалерите ќе мора да влезат во фајтерско надигрување со противникот.

Да се потсетат дека грото од овие играчи минатата година во ова време беа тие кои на клубот му го донесоа влезот во Првата лига. Тука се во елитата затоа што во нив има потенцијал и квалитет. Тој треба да го покажат и докажат на теренот. Ја имаат подршката од Стручниот штаб и клупското раководство.

Повеќе од сигурно денес публиката и посебно навивачката група ,,МАЈМУНИ,, ќе бидат нивниот 12-ти играч и тоа ќе треба да го искористат да се стигне до посакуваната цел.

ПОБЕДА ќе значи голем исчекор на патот ПРИЛЕП и догодина да гледа прволигашки фудбал.

СИТЕ ВО ДЕНЕС ОД 16 ЧАСОТ НА МОГИЛА!!!
ВЛЕЗОТ ЗА ДЕНЕШНИОТ НАТПРЕВАР Е СЛОБОДЕН!!!

ПОСЕБЕН АПЕЛ ДО ПРИЛЕПСКАТА ФУДБАЛСКА ЈАВНОСТ:

ФК Победа апелира до прилепските љубители на фудбалот кои се очекува денес во голем број да го проследат натпреварот со Шкендија и да ги бодрат своите љубимци, да се однесуваат максимално фер и коректно. Во интерес на клубот, за да се избегнат парични санкции и казни од ФФМ, е атмосферата на стадионот да биде ДОСТОИНСТВЕНА. Без националистички скандирања и навреди на етничка основа, туку со навивачки песни и бодрење на својот клуб и максимална подршка на црвено-белите момци!!!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.