Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 9-ти декември. Денеска е Зачнување на Света Ана.
Денес Црквата ги слави светите Јоаким и Ана, родителите на Марија, која се удостои, како избрана од целиот човечки род, да го роди самиот Бог. Уште попрецизно, Црквата се сеќава со радост на зачнувањето на онаа што подоцна ќе ја слават сите родови како Богородица. Во таа смисла, светите Јоаким и Ана Црквата ги нарекува богоотци.
Праведните Јоаким и Ана беа бездетни цели педесет години од нивниот брачен живот. На старост им се јави архангелот Гавриил, секому посебно, и им рече дека молитвите им се услишени од Бога и дека ќе родат ќерка, Марија. Тогаш Св. Ана зачна од својот маж и по девет месеци роди ќерка благословена од Бога и од сите човечки колена, Пресветата Дева Марија Богородица.
Свети Јоаким поживеа на земјата осумдесет, а Ана седумдесет и девет години и се преставија кај Господ.
Денешниот ден е празник на чуда за сите жени, особено за оние кои имаат мали деца или сакаат да добијат. Денес, според обичаите, жените не треба да работат ништо, а пак жените кои имаат проблем со зачнување треба да одат во манастир да се молат. Некои таму остануваат и по три дена.
Постои обичај, мајките со женските деца да одат околу куќата и да фрлаат пепел и просо за да ја зачуваат куќата од зли духови.
Жените не работат во текот на денот, а некои бдееат цела ноќ додека не ги слушнат првите петли. Кога ќе ги слушнат велат: Слушам, слушам петле, свое чувам селско збирам“.