За време на владењето на императорот Јулијан Отстапник (361-363) беше извршен страшен прогон на христијаните. Тогаш во целата Римска империја беа издадени посебни наредби и беа испраќани луѓе да ги спроведуваат.
Со тие заповеди секој што ќе се откажеше од Христа добиваше големи почести од царот, а ако пак не сакаше да им принесе жртви на паганските идоли требаше да биде подложен на жестоки казни и мачења. Тогаш, пред ваквата опасност од Никеја побегнаа во Солун, а оттаму во Тивериопол – денешна Струмица, епископите Теодор и Тимотеј и монасите Комасиј и Евсевиј.
Кон овие четворица притекнаа и Петар, Јован, Сергиј, Теодор, Никифор кои што беа презвитери, и Василиј и Тома коишто беа ѓакони, Јеротеј, Даниил и Харитон коишто беа монаси и Сократ. Кога за ова дозна царот Јулијан испрати луѓе во Тивериопол со заповед тамошните жители да се откажат од Христа и да им се поклонат на идолите. Најпрвин пред царските пратеници беа повикани овие петнаесет свети мажи. Но, бидејќи тие не сакаа да им принесат жртва на демоните и на нивните идоли веднаш беа осудени на смрт и посечени со меч. Кога Светиите го завршија својот благочестив живот, нивните чесни тела многу денови стоеја зафрлени бесчесно.
Но, Господ ги запази недопрени и неповредени така што оние што ги гледаа го прославуваа Христа Бога. Подоцна, некои христијани се собраа и ги подигнале со почести чесните тела на Мачениците, ги завиткаа во чисти плаштаници и откако ги извршија сите служби, ги положиле во Тивериопол, секого во посебен ковчег. И по смртта, Мачениците вршеа големи чудеса, не само на месните жители, туку и надвор од границите на Тивериопол.
Светите Петнаесет Тивериополски свшетеномаченици и денес се почитуваат како покровители и заштитници на градот Струмица.
























