МПЦ-ОА и православните христијани во земјава денеска го слават празникот на тројцата светители: св. Василиј Велики, св. Григориј Богослов и св. Јован Златоуст – значајни личности што страдале за Христовата вера.
Покрај тоа што си имаат и посебни празници светите Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст имаат и еден заеднички празник.
Овој заеднички празник е востановен во 11 век за време на царот Алексиј Комнен. Еднаш однекаде настана расправа меѓу народот околу тоа кој од овие тројца светители е најголем. Едни го величаа светиот Василиј заради неговата чистота и храброст, други светиот Григориј за недостижната длабочина и висина на умот во богословието; трети воздивнуваа по светиот Јован, заради неговата чудесна благоглаголивост и јасност во изложувањето на верата. И така едни се нарекуваа василијани, други григоријани, а трети јованити.
По Божја Промисла овој спор беше решен во корист на Црквата и на уште поголема слава на овие тројца светители. Евхаитскиот епископ Јован (под 14 јуни) имаше едно видение во сон, имено: прво му се јави секој од овие светители во голема слава и неискажлива чудесност, а потоа сите тројца заедно. Тогаш му рекоа: „Ние сме едно во Бога, како што гледаш, и кај нас нема ништо противречно… ниту има меѓу нас некој кој е прв или втор“. Светителите го посоветуваа епископот да им напише една заедничка служба и да им се одреди еден заеднички ден за празнување. Со ова прекрасно видение спорот се реши на тој начин што 30 јануари се одреди како заеднички празник за тројцата свети архијереи.
Од друга страна, секој од нив имал некои специфични карактеристики: Свети Василиј Велики бил голем во книжевната мудрост, реториката и филозофијата. Свети Григориј Богослов ја изразил својата величина во теологијата и светоста на добродетелниот живот, додека Свети Јован Златоуст се одликувал со прекрасни проповеди и толкување на Светото Писмо. Свети Василиј Велики и Свети Јован Златоуст имаат улога и во составувањето на Светите Литургии што ги носат нивните имиња, а кои уште се служат во Светата Црква и денес. Секој од овие три светила на Црквата, покрај овој заеднички, има и свој посебен празник: Свети Василиј Велики (1 јануари/14 јануари), Свети Григориј Богослов (25 јануари/7 февруари), Свети Јован Златоуст (13 ноември/26 и 27 јануари/9 февруари).
Кои биле тројцата светители и со што заслужиле да влезат во календарот на Светата Христова црква?
Свети Василиј наречен Велики бил најславниот владика во градот Кесарија Кападокиска. Роден е во Неокесарија околу 330 година (според некои 329 г.) од побожни родители. Татко му, кој исто така се викал Василиј, бил учител по беседништво – оратор и адвокат, а мајка му се викала Емилија. Во 345 година заминал на школување во Кесарија Кападокиска, а во 352 година во Атина. Овде соученици и другари му биле Григориј, подоцна наречен Богослов и Јулијан внукот на Константин Велики, кој најпрвин бил христијанин, а подоцна го напуштил христијанството, станал цар и ги прогонувал христијаните поради што е познат по прекарот Отстапник.
Василиј, по завршувањето на школувањето, на околу 30 годишна возраст се вратил во родното место, станал учител, подоцна примил свештенички чин и бил проповедник во црквата. Бил многу популарен поради што тогашниот владика многу му завидувал. Тоа било причина Василиј да замине во пустина. За време на престојот во Александриската пустина се сретнал со свети Атанасиј Велики кој бил протеран од Ариевците. Во тоа време било силно ариевското движење и цариградскиот цар Валент, кој ги поддржувал овие еретици сакал да им ги предаде сите цркви.
Во Кесарија немало личност која со својот авторитет можела да му се спротивстави на ова движење, но и на царот Валент. Таква личност бил само свети Василиј, кој по смртта на кесарискиот владика се вратил од пустината и бил поставен за владика Кесариски. Бил многу популарен меѓу народот и многу лесно луѓето ги придобивал за христијанската вера, поради што бил наречен втор Павле. Особено успешно се борел против Ариевците поради што го навлекол врз себе гневот на царот Валент, кој се обидувал да го убеди да се откаже од архиепископскиот престол за да може да постави некој од Ариевците. Му се заканувал со протерување и смрт но и тоа не го исплашило и поколебало свети Василиј. Умрел на 1 јануари (според стариот календар) 379 година (според други 389 година) на 50 годишна возраст.
Свети Василиј Велики е значаен и како писател. За време на престојот во Понтиската пустина ги составил монашките правила. Кога бил архиепископ во Кесарија градел болници и училишта, а самиот живеел скромно поради што бил многу популарен. Поради тоа што свештениците литургијата ја служеле различно тој ја скратил литургијата на св. Јаков и напишал т.н. „Василева служба“ која до денес се служи во првите пет недели од Велигденските пости, потоа на Велики четврток, Велика сабота, на денот на Св. Василиј спроти Божик и Богојавление, а понекогаш и на Божик и Богојавление, што значи десет пати во годината.
Во времето кога живеел св. Василиј Велики живеел и св. Григориј Богослов. Бил негов другар, и исто така, бил многу популарен. Григориј на грчки јазик значи вреден, буден, бодар. Роден е во 329 година во градот Назајанз во југозападна Кападокија. Татко му бил владика (тогаш владиците се женеле) и во родниот дом ја стекнал првата љубов кон образованието. Учел во Кесарија, Александрија и Атина, каде што се запознал со св. Василиј Велики. Оттука дошол во градот Сосим каде што бил избран за епископ, а подоцна и во Цариград каде што во 379 година станал патријарх.
На оваа должност останал 12 години и многу придонесол за засилување на православието. Потоа дошол во селото Арианз во Кападокија, каде што ги напишал своите главни дела. Поради големото богословско образование бил наречен Богослов. Умрел на 25 јануари 390 година и на овој ден секоја година светата црква го празнува неговиот ден. Денес главата му се наоѓа во Москва, а другиот дел од телото во Рим.
Освен свети Григорије Богослов во Цариград бил познат и популарен и свети Јован Златоуст. Роден е во Антиохија во 374 година. Во раните денови од детството му умрел татко му и мајка му го дала на училиште. Сакал да се закалуѓери и тоа го направил по смртта на мајка му кога отишол во еден манастир во близината на Антиохија. Потоа бил избран за патријарх цариградски каде што се прославил со убави беседи поради што бил наречен Златоуст. Напишал многу дела меѓу кои е и литургијата што се служи преку целата година позната како „Златоустова литургија“.
Народот почнал да го моли, коските на Св. Јован Златоуст да бидат пренесени во Цариград. Познато е писмото што цар Теодосија II му го напишал на св. Јован Златоуст како да е жив, соопштувајќи му дека ќе го пренесат во Цариград, за што испратил и брод. Моштите на св. Јован Златоуст во Цариград се пренесени на 9.II/27 И 438 година и овој ден Светата Православна Црква го одбележува секоја година.
Свети Јован Златоуст умрел на 14 септември 408 година но бидејќи на овој ден се празнува Воздвижение на чесниот крст (Крстовден) празникот на Св. Јован Златоуст е пренесен на 26/13 ноември.























