Денеска седница на Економско-социјалниот совет – ќе се разговара за минималната плата и за потрошувачката кошничка

Во Владата денеска (11:00) ќе заседава Економско социјалниот совет, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски. На седница се очекува да стане збор за минималната плата, пресметката на потрошувачката кошничка, почитувањето и потребата од унапредување на колективните договори во јавниот и приватниот сектор, исплатата на додатоците од плата и останатата регулатива од областа.

За износот на минималната плата претставници на Владата во неколку наврати порачаа дека ќе се согласат со решение што ќе го договорат синдикатите и работодавачите, додека бизнис секторот се надева дека ќе има олеснувања во делот на придонесите за сметка на зголемувањето на минималната плата.

Како што изјави минатата недела заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, Владата ќе го почитува секое решение донесено со конзензус меѓу работодавачите и синдикатите, а се додека нема договор ќе важи Законот за минимална плата односно зголемувањето ќе биде според добро познатата формула.

Од Бизнис конфедерацијата велат дека секогаш постои можност и оти секогаш е потребно платата да се зголемува, но дека тоа треба да го прават оние кои реално го можат. Се надеваат дека ќе биде прифатен нивниот предлог – да има зголемување на платата, но придонесите да останат на истото ниво како досега.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.