Денеска во Собранието влегува законот за данок на солидарност: Еве кои фирми ќе треба да платат ако се усвои

Предлог-законот за данок на солидарност, по скратена постапка, е дел од предложениот дневен ред на денешната 103. седница на Собранието. Со него се предвидува воведување на данок за солидарност за 2023 година како еднократна, вонредна и привремена јавна давачка.

Според Предлогот, обврзник за плаќање на овој вид данок е обврзникот на данокот на добивка согласно Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари.

-Преку плаќањето на овој вид данок компаниите кои во услови на криза
оствариле вишок профит, пропорционално ќе придонесат за ублажување на
последиците од кризата. За постигнување на таа цел, сметаме дека и нашата држава треба да преземе активности за воведување данок кој што ќе има солидарна функција и преку кој ќе се обезбедат финансиски средства кои во целост ќе се користат за финансирање на Програма за мерки за справување со кризата, стои во образложението од Министерството за финансии.

Законодавниот дом на 103. седница ќе расправа и за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за стоковните резерви, како и Предлог – законот за гаранција на државата на обврските по Договорот за заем за финансирање на Програмата за обновлива енергија ЕСМ – Компонента 1: Ревитализација на хидроелектрани, кој ќе се склучи меѓу Кредитната банка за обнова – КФВ и АД Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, двата по скратена постапка,

Пратениците на оваа седница, како што е најавено, треба да расправаат и по Предлог-законот за ратификација на Договорот за техничка соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Јапонија.

На агендата на седницата се предлог-одлуки од повеќе области, меѓу кои и за распишување јавен оглас за назначување претседател и членови на Советот за граѓански надзор, на одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“, за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како и Предлог – одлука за распишување јавен оглас за избор на здруженија од областа на човекови права, полициското право и правосудството за механизмот за граѓанска контрола во состав на народниот правобранител.

На денешната пленарна седница е и Предлог-одлуката за изменување на одлуката за основање на пратенички групи на Собранието за соработка со парламенти на други држави и избор на претседатели и членови на пратеничките групи во Собранието за соработка со парламенти на други држави. Дел од дневниот ред се и предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за Народната банка на Република Северна Македонија и на Законот за финансиските друштва, како и повеќе барања за давање автентично толкување, меѓу кои и за член 116 од Законот за основното образование.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.