Зависно од производителот, зависно од тоа дали имаме пакувања од 0,8 литри, 0,9 или еден литар, цената на маслото за јадење во наредниот период очекуваме да се движи максимално до 110 денари, рече директорката на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Анета Симеска-Димоска, во интервју за „360 степени“ кое вчера се емитуваше на Алсат ТВ, а во врска со движењето на цените на маслото за јадење во малопродажба.
– Во моментов, цената на зејтинот е формирана врз основа на тоа што Владата донесе одлука продажната цена на маслото кај трговците на мало да е еднаква со набавната цена кај трговците на големо, така што таа цена што денес е на рафтовите или, како што кажувате 94 денари, всушност, е набавната цена што ја даваат трговците на големо, објасни директорката на ДПИ.
Како што рече Симеска-Димоска, ова најверојатно се резерви што трговците ги имаат направено од претходно и затоа маслото за јадење во моментов се продава по набавна цена од 94 денари по литар, но, како што посочи и самата, смета дека со одмрзнувањето на цените од 1 март трговците на големо имаат можност да ги пресметаат и оперативните трошоци во набавната цена, а кои се сега повисоки поради поскапувањето на енергенсите.
– Според нашите информации и сознанија што ги имаме и она што го утврдивме, цената на маслото за јадење нема да е многу повисока од онаа што е сега, значи околу десетина проценти од ова што е сега утврдено, бидејќи само дополнително на ова ќе се вкалкулираат трошоците, рече Симеска-Димоска и додаде оти цената на маслото би достигнала максимална цена од 110 денари.
На прашањето зошто во одредени маркети во некои места немаше масло за јадење на рафтовите, директорката на ДПИ посочи дека тоа е најмногу поради шпекулативната паника што настанала помеѓу граѓаните, а која главно се должи, како што рече, на растот на цените на енергенсите и одмрзнувањето на цените на основните прехранбени продукти.
Во однос на тоа дали постои и манипулација од страна на трговците, Симеска-Димоска посочи оти при инспекциските надзори кај некои трговци наишле на залихи во магацините, но не и на рафтовите.
– Во одредени ситуации, таму каде што најдовме во магацинот залиха, а немаше на рафтовите, во такви ситуации имаме и казна, меѓутоа имаме и ситуации во коишто големите трговци ни кажаа дека во ситуација каде што имаат голема потрошувачка која дотогаш била незапамтена кај нив, немаат можност за толку брза дистрибуција или набавка на голема количина на такви производи, додаде таа.
Извор: РЕПУБЛИКА.МК