Како долгогодишни спортисти, а веќе неколку години и рекреативни велосипедисти, полициските службеници при ОВР Прилеп и припадници на Посебната единица на полицијата (ПЕП), Драган Илиоски и Филип Спиркоски, во јули месец на велосипеди се упатија до манастирот Св. Василиј Острошки во Црна Гора и успешно ја завршија својата зацртана тура.
Двајцата колеги досега често организираа интересни тури во околината на Прилеп и Битола, како и подолги релации низ Македонија, а ова им беше прв пат да се упатат на толку далечна дестинација.
За неполни два дена двајцата колеги и другари извозија над 430км и пристигнаа пред портите на чудотворниот манастриски комплекс.
После овој подвиг, двајцата колеги направија уште еден гест кој сигурно ќе мотивира многумина.
На задоволство на вработените и дечињата во детската градинка “Наша иднина” во населбата “Тризла”, тие донираа клима уред, апарат кој со сигурност ќе ги подобри условите во овој објект.
-Голема БЛАГОДАРНОСТ и многу детски насмевки денес упатуваат децата и вработените од градинката “Наша Иднина” – објект Тризла, за хуманиот гест на двајцата полициски службеници Филип Спиркоски и Драган Илиовски за нивната донација клима за нашата градинка! Доброто со добро да Ви се врати – напишаа од градинката на ФБ.