Купишта гареж, пеплишта, целосно уништена покуќнина која се печалела цел живот и трауми кои ќе останат запаметени доживотно, се последиците кои зад себе ги остави синоќешената силна огнена стихија и од која две прилепски семејства останаа без своите домови. Среќа во несреќа е што едното, инаку петчлено семејство, во кое има и четиригодишно дете и баба, и кои во моментот на пожарот биле дома, во последен момент успеале да спасат жива глава – објави “АЛФА ТВ”
„Ние бевме на работа со брат ми, сопругата беше дома со мајка ми и со детето. Ние се грееме на дрва. Што се има случено – не знам точно, излегле надвор и куќата еден ден веќе била зафатена…Сопругата алармирала, таа најверојатно почувствувала некој мирис, чад и излегле надвор сите тројца…Најпотребно ни е помош од државата, од институциите, пример од „Комуналец“ да донесат контењер и возило за да може ова оштетеното што е да се изнесе надвор и да се почне одново…“, го раскажува своето потресно сведоштво Сашо Крстески, сопственик на едниот дел од опожарената куќа.
Зоран Трајаноски пак, е сопственик на другата куќа. Тој е самец, инвалид и нема никакви примања. Во моментот на пожарот, тој не бил дома. Со солзи во очите, вели дека сега очајно му е потребна секаков вид помош, бидејќи пожарот му проголтал буквално се’.
„Пожарот се случи околи 17- 18 часот. Мене ми се јавија комшиите, јас бев в село, кога си дојдов – сето беше изгорено…Не сум вработен од 2019 година не одам на работа, операција се правев од колкот и не можам да работам, а ни да кревам. И немам ни пари да ја направам со мои услови…Внатре сето е уништено, нема ништо за да се употреби, се е пеплосано…Ми треба парична помош и трактори, камиони да дојдат од „Комуналец“ – објаснува Зоран Трајаноски.
Соседите, кои први им притекнале на помош, раскажуваат дека призорот бил страшен, особено за четиригодишното синче на семејството Крстески.
„Сите сме потресени, сите комшии. Јас само во моментот, детето беше во една кола овдека сместено…ко ги видов пламените, детето сето вака се тресеше, само него го грабнав и не можев да гледам и си го зедов детето за да го смириме со ќерка ми дома и мајката пиштеше – коренеше…му е потреба итно помош на цела фамилија, немаат кај да се сместат“, – раскажува сосетката Јованка Божиноска.
Градоначалникот Илија Јованоски, кој двете семејства ги посетил и синоќа, а и денеска, им вети првична помош.
„Јас се обратив до ЈКП „Комуналец“ за да им излезат во пресрет, да им помогнат, се разбира бесплатно да го зачистат опожарениот дел од двете семејни куќи…а понатаму и финансиски ќе им помогнеме“, – рече градоначалникот Илија Јованоски.
На овие две смејства кои сега се сместени кај свои роднини, во моментов потребно им е буквално се’, па нивните надежи најмногу се свретни кон хуманите граѓани.
Каролина Дурло