Дамјан тргна во благородна мисија: Ќе пешачи од Скопје до Острог, а мотивот е голем колку планина

Дамјан Марковски одлучи да си постави 400 километарски предизвик во знак на благодарност кон Св. Василие Острошки и подигнување на свеста за подобрување на медицинската грижа за спортистите во Македонија. Информацијата ја објави фондацијата „Марко Божиновски“ која е отворена во чест на Марче, чиј живот прерано згасна. Неговите родители преку оваа фонадција имаат една цел, да им помогнат на млади луѓе да успеат во спортот, пред сé на тие кои се таленти, а немаат можности да инвестираат во развој на својата кариера. Мисија на Фондацијата е преку спортот на децата, младинците како и лицата со посебни потреби да им се овозможи поквалитетен живот и поздрава иднина.

На својот ФБ профил Дамјан напиша:

-Би сакал да ви се обратам и да побарам поддршка за мојата намера.

Како млад човек кој го поминал поголемиот дел од своето детство и младост играјќи фудбал, решив да преземам еден исклучителен предизвик – пешачење од Скопје до манастирот Острог во Црна Гора, пат долг 400 километри.

Ова патување за мене не е само физички предизвик, туку и духовна мисија. Со ова пешачење сакам да изразам благодарност кон Св. Василие Острошки за оздравувањето на член од моето семејство. Покрај ова, сакам да направам нешто добро за нашата заедница и младите спортисти. Одлучив да ја искористам оваа иницијатива за да соберам средства и да го свртам вниманието кон потребата за подобрување на медицинската грижа за спортистите во нашата земја.

Целта на мојата иницијатива е да помогнам во собирањето средства за купување Polar мерачи на срцевиот ритам, проект кој е планиран за реализација од страна на Фондацијата Марко Божиновски. Како спортист комплетно ја разбирам потребата од овие мерачи на срцевиот ритам и ја давам мојата безрезервна поддршка на Фондацијата во остварувањето на нивната цел, но за да стигнеме до истата потребни се многу финансиски средства.

Овие уреди можат да откријат неправилности во срцевиот ритам и да обезбедат рани предупредувања за потенцијални срцеви проблеми. Со редовно следење на срцевото здравје на младите спортисти, веруваме дека можеме да спречиме трагедии како онаа која ги однесе животите на Марко и Андреј.

Фондацијата Марко Божиновски беше формирана во чест на Марко Божиновски, талентиран спортист кој трагично го загуби својот живот, неговото срце престана да чука во сон, а дијагнозата беше миокардит. Неговата смрт беше шок за сите нас и ни покажа колку е итно да се подигне свеста за редовни и детални здравствени и систематски прегледи. Целта ние подобра здравствена заштита за спортистите во Македонија.
Ве поканувам сите да ја поддржите оваа моја иницијатива. Вашите донации ќе помогнат младите спортисти да ја добијат потребната опрема и медицинска грижа за да можат безбедно и здраво да тренираат.

Ги повикувам сите љубители на спортот да донираат онлајн преку веб-страната на Фондацијата или на телефонските броеви кои ќе бидат отворени специјално за оваа намена. Споделете ја нашата иницијатива на социјалните мрежи користејќи ги хаштаговите #WalkForMarko и #HealthyAthletes.

Воедно ве поканувам да го поддржите и бидете дел од третиот меморијален турнир „Марко Божиновски 9“. На овој турнир млади спортисти од различни држави доаѓаат во Скопје, играат во чест на Марко, во чест на младоста, пријателството, даваат пример за спортски дух, за почитта и меѓусебната поддршка.

Мојата благодарност и поддршка ќе биде покажана преку секој направен чекор од ова патување. Благодарение на GPS-от и стримингот на социјалните медиуми, можете да го следите моето пешачење во реално време. Останете информирани за мојот напредок и бидете дел од ова инспиративно патување.

Од срце ви благодарам за вашата поддршка и ангажираност. Само заедно можеме да придонесеме за здравјето на нашите млади спортисти и да го сочуваме споменот на Марко.

Срдечни поздрави,

Дамјан




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.