Двоецот Јованоски-Талески останува на чело на Прилеп и ќе продолжи да раководи со една од најголемите општини во државата.
Иако СДСМ загуби на претседателските избори со 1.500 гласа разлика, вчера партијата одново го реизбра Миле Талески за претседател на Општинската организација во градот.
Талески истовремено е и претседател на Советот на општина Прилеп и според анкетите беше посочен како еден од главните виновници за високиот пораз во Прилеп.
На Талески како претседател на Совет и градоначалникот Илија Јованоски, им остануваат уште нешто повеќе од 2 години од нивните мандати за да ги реализираат ветувањата од предизборието на локалните избори во 2017 година.
Пред нив се ветувањата за изградба на затворен базен, реконструкција на Старата чаршија, изградба на спортско-рекреативен центар на вештачкото езеро, изградба на две спортски сали, ново училиште, градинки, изградба на две обиколници, нов театар, поевтинување на цената на водата за 20%, реконструкција на старскиот дом, ветувањето за чист воздух и здрава животна средина и.т.н.
Со други зборови, пред двајцата е целата изборна програма од локалните избори со оглед на тоа дека многу малку се има реализирано во изминатите две години.
Дали на Прилеп ќе му следува голема градежна офанзива или локалните власти ќе го преспијат периодот кој доаѓа пред нив, останува да видиме….