Дали Лазаров ќе седне на селекторската клупа на Македонија?

Кире Лазаров е голем фаворит во трката за нов селектор на Македонија, откако Ракометната Федерација на Македонија во текот на вчерашниот ден спогодбено ја прекина соработката со Данило Брестовац. Приоритет на раководството на РФМ моментно е одржување на Собранието на „куќата на ракометот“ закажано за недела, кога Живко Мукаетов ќе добие нов четиригодишен мандат, по што погледите ќе се насочат кон изборот на нов селектор – пишува “Курир”

А во тој избор апсолутен фаворит е долгогодишниот капитен на македонската репрезентација, Кире Лазаров. Ракометната легенда најави дека на крајот од сезонава ќе ја заврши својата фантастична кариера, Лазаров не крие дека планира да остане во ракометот, а преземањето на националниот тим ќе биде огромен прв предизвик во тренерската кариера на сегашниот ас на Нант.

Разговори на оваа тема се веќе водени, кај двете страни постои расположение за Лазаров да седне на клупата, но проблем претставува фактот што десниот бек активно ќе игра до јуни, а дотогаш Македонија ја очекуваат четири средби од квалификациите за ЕП 2022, двомеч со Данска, а потоа и реванш-дуелите со Финска и со Швајцарија.

Во една таква ситуација, планот е за овој период да биде ангажирано привремено решение од домашната стручна фела, кое би ја извршувало селекторската функција во овој краток период.

Македонија има четири бода по првите две кола, со огромни шанси за пласман на ЕП 2022 што ќе се одржи во Унгарија и Словачка.

Извор: “Курир”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.