Во уреднички коментар, грчкиот весник „Катимерини“ ги повика Грците во САД да се здружат во поддршка на кампањата на демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден. Бајден изби на чело во демократската внатрепартиска трка, каде се натпреварува со социјалистот Берни Сандерс, за шансата во ноември да се соочи со претседателот Доналд Трамп.
Според „Катимерини“, Бајден долги години работел на грчките прашања во американскиот Сенат и во Белата куќа кога беше потпретседател на Барак Обама, и оттаму е потребно грчките заедници во САД да одржуваат тесен контакт со него, и да му ја поддржат кампањата.
-За Грција и за Кипар е важно тоа што Бајден успеа да ја воскресне својата кампања. Тој е еден од малкумината истакнати американски политичари кои работеле на грчките прашања, во неговите 36 години во Сенатот, и осумте години како потпретседател. Важно е линиите за комуникација со грчката американска заедница да бидат ефикасни во овој клучен период. Грчката заедница треба да се мобилизира и да обезбеди кандидатурата на Бајден да напредува добро. Грчкиот и кипарскиот хеленизам мора да се заложи за победа на Бајден. Никој нема да ги бие нашите битки, но важно е како лидер на најмоќната држава во светот да имаме човек кој повеќе од половина век покажал чувство за грчките барања, пишува „Катимерини“.
Во коментарот не се наведува директно, но се навестува дека Грција ќе очекува поддршка од САД и од Бајден во нивниот се пожесток регионален спор со Турција. Катимерини оценува дека Бајден ќе има „разбирање за демократските партнери на САД, наспроти автоктратските водачи“ – јасно посочување на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Претседателот Трамп повеќе пати досега ги поддржа ставовите на Ердоган, особено во војната во Сирија.