Грузија доби официјален демарш од членките на ЕУ поради неодамна обновениот воздушен сообраќај со Русија. Постојаниот претставник на ЕУ во Грузија Павел Перчински и шефовите на дипломатските претставништва на ЕУ акредитирани во Грузија пристигнаа кај вицепремиерот, министер за економија и одржлив развој, Леван Давиташвили и го изразија своето силно несогласување околу обновувањето на директните летови со Русија. „Демаршот се спроведува во име на сите 27 земји од ЕУ“, се наведува во соопштението на постојаната мисија.
Европската унија не се согласува со воспоставување воздушен сообраќај со Русија, а Грузија овој потег го нарече дел од економските односи и гарантираше дека нема да ги прекрши меѓународните санкции наметнати на Русија. Тоа не се доволни гаранции за Брисел бидејќи не ја намалуваат важноста на фактот дека Русија сега, покрај Ерменија и Турција, добива уште еден аеродромски центар кон Европа.
Од моментот на доставување на демаршот, секојдневно доаѓаа одговори од официјален Тбилиси кои го бранат правото на Грузија да носи суверени одлуки во одбрана на нејзините интереси. Од владејачките структури објавија дека прашањето за пристапување на Грузија кон воздухопловните санкции против Русија ќе биде на дневен ред по приемот на таа земја во Европската унија.
„Грузија се уште не е членка на ЕУ. Ние сме независна, суверена земја која се стреми кон Европа и сака европска интеграција. Кога ќе имаме статус, кога ќе станеме членки на ЕУ, се разбира, ќе носиме одлуки кои се во согласност со заедничките интереси“, изјави за новинарите градоначалникот на Тбилиси, генерален секретар на владејачката партија Каха Каладзе.
На оваа тема се вклучи и претседателот на собранието, Шалва Папуашвили, кој рече дека Грузија не ги заострува односите со Русија и не се приклучува кон санкциите, „бидејќи во случај на војна, ниту една од тие земји нема да влезе во војна на страна на Тбилиси, бидејќи не влегоа ниту на страна на Украина“. Тој потсети дека по конфликтот на Грузија со Русија во 2008 година, Западот не воведе санкции кон Русија, туку, напротив, ги „рестартира“ односите со Москва, а на Грузија и беше забрането да купува оружје.