Ракометарите на РК Прилеп изминатиот викенд го доживеаја седмиот пораз во Супер лигата, откако со 38:28 беа поразени на гостувањето кај Охрид.
Охриѓани кои сезонава се предводени од македонската ракометна икона, Стевче Алушовски, беа пресилен противник за ракометарите на Прилеп, кои иако целосно парираа во првиот дел и во добар дел од второто полувреме, повторно загубија чекор кога беше најпотребно и забележаа нов убедлив пораз.
Како и цела сезона, добра одбрана во клучните моменти беше она што му недостигаше на Прилеп. Знаат и љубителите на ракометот, а знаат и играчите, дека празнината која ја остави Филип Велески во овој дел од тимот, моментално нема кој да ја надополни.
Во нападот пак, речиси стандардно ефикасни беа Пеце Ратајкоски кој постигна 6 погодоци, а Владан Кастратович и Никола Цветаноски беа прецизни по пет пати.
Во наредното коло Прилеп го дочекува Алкалоид, а потоа им следува гостување кај “фенерџијата” Радовиш.