Грее! Нов современ кабинет за физика во прилепската гимназија, целосно опремен со инструменти – донација од германска амбасада

Гимназија „Мирче Ацев“ – Прилеп ја започна новата учебна година со значајно збогатени можности за наставата по физика, благодарение на набавката на современа техничка опрема и SMART табла.

Со над 40 нови нагледни помагала и инструменти, учениците веќе имаат можност практично да ја истражуваат и подобро да ја разбираат физиката – наука која е основа за многу други дисциплини и модерни технологии. Ваквиот пристап ќе придонесе кон тоа часовите да бидат поквалитетни, поинтерактивни и поблиски до секој ученик.

За професорите, оваа опрема претставува алатка што овозможува поефикасно објаснување на комплексни поими и појави преку практична демонстрација, визуелизација и современи методи на предавање. SMART таблата ќе им помогне да користат дигитални содржини, симулации и експерименти во реално време, со што наставата ќе стане поинтересна и поразбирлива.

За учениците, пак, овие промени значат нов начин на учење – активно вклучување во часовите, експериментирање и самостојно откривање на физичките закони. На овој начин, физиката не е само теоретски предмет, туку предизвикувачко и инспиративно искуство кое ја поттикнува љубопитноста и критичкото размислување.

Иницијативата е реализирана од Центарот за развој и едукација – Прилеп, со финансиска поддршка на Германската амбасада, и претставува инвестиција во иднината на младите генерации. Таа е насочена кон подобрување на условите за учење, промовирање на еднакви можности во образованието и создавање на општество што се темели на модерно, квалитетно и инклузивно образование.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.