Политиките на Владата продолжуваат во насока за унапредување на правата на лица со инвалидност. Објавен е вториот по ред оглас за самовработување на лицата со инвалидност. Сите оние кои сакаат да основаат свој сопствен бизнис од денеска ќе можат да се пријават во подрачните единици на АВРМ и да добијат грант од државата од 270.000 денари. Дополнително, тие ќе можат да вработат уште најмногу две лица, за кои ќе добијат по 92 илјади денари.
Заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека лицата со инвалидност имаат знаење и вештини кои можат да ги искористат за самовработување и отворање на свој сопствен бизнис.
-Преку овој оглас ќе се обезбедат можности за лична егзистенција и токми поради тоа државата предвиде финансиска поддршка која што ќе им помогне да се самовработат. Оваа поддршка опфаќа обезбедување на обука за вештини, обука за претприемништво и бизнис планирање, потврда за завршените обуки, менторство и стручна поддршка во текот на програмата и по регистрацијата на сопствениот бизнис, да се регистрираат како правен субјект во Централниот регистар и да се самовработат, посочи Спасов.
Со програмата за самовработување лицата со инвалидност ќе добијат грант во форма на метеријали во износ од 270.000 денари и можност да остварат дополнително вработување до две лица со дополнителен грант во форма на опрема и метеријали во износ од 92.000 денари по вработено лице. По истекот на 9 месеци правното лице доколку има исплатено плати и придонеси ќе може да поднесе барање до управниот одбор на АВРМ за користење на неповратни средства од посебен фонд и да добијат дополнителна финансиска помош од 20 просечни бруто плати.
Лицата со инвалидност од АВРМ ќе добијат соодветна поддршка во текот на првата година од регистрирање на бизнисот.
Спасов ги повика сите лица со инвалидност кои сакаат да започнат свој сопствен бизнис да се пријават во центрите за вработување на АВРМ или на веб страната samovrabotuvanje.mk или avrm. gov.mk.
За реализација на овој проект, буџетот за 2016 година изнесува 49 милиони денари.
Директорот на АВРМ Влатко Поповски информира дека ова е втор оглас кој се објавува, а се однесува на самовработување на лицата со инвалидност.
– Во првиот се пријавија над 160 лица. Во тек се обуките, дел се завршени и се пристапува кон определување ментор кој ќе им помогне да го направат бизнис планот, по што тој ќе биде оценет и ќе им бидат доделени средствата, рече Поповски.
Појасни дека аплицирањето на овој оглас стартува од денеска, а како што рече, нема временско ограничување и ќе се аплицира до исполнување на бројката за која има средства.
Задоволство од мерката изразија и претседателите на националните сојузи на здруженијата со инвалидност во Македонија. На ваков начин, сметаат тие, ќе се реши еден голем проблем на овие лица и дел од нив ќе можат да дојдат до вработување.
– Овие мерки кои водат кон можноста за решавање на суштествено егзистенцијално прашање на секој човек, а со тоа и на самите лица со телесен инвалидитет, како што е вработувањето, се мошне корисни и ние ги повикавме нашите членови да се јават на овој повик бидејќи ова е една од можностите да го надминат проблемот и да се вработат, рече претседателот на Националниот сојуз на здруженија на лица со телесен инвалидитет Бранимир Јовановски.
Истиот став го дели и претседателот на Националниот сојуз на слепи и слабовидни лица Жарко Селковски кој ја искористи приликата да ги повика членовите на овој Сојуз да аплицираат за оваа мерка и да се обидат да се осамостојат преку самовработување.
Претседателот на Нациоалниот сојуз на глуви и наглуви лица Васко Марков истакна дека се надева оти и за овој повик како и за претходниот ќе има интерес, бидејќи, како што потенцира, ова е начин како тие да се интегрираат во општествените текови и да обезбедат сопствена егзистенција.