Денот на народната жалост и одбележувањето на примирјето од 11 ноември 1918 година, беше повод за денешната комеморација која се одржа на германските воените гробишта во Прилеп.
Комеморацијата по повод одбележувањето на 101 година од крајот на Првата светска војна и во спомен на загинатите, изчезнати и раселени лица од сите војни и од сите народи, беше организирана од страна на амбасадите на Сојузна Република Германија и Република Франција во Македонија.
Во своето обраќање, германскиот амбасадор Томас Герберих истакна дека е неопходно да се развие способност за помирување, да се создаде свет во кој цврстата волја е обединета а ужасите од војните да се испратат во арсеналот на историјата.
„Како што можевте да видите постои тесно, блиско пријателство помеѓу овие две држави, ние тоа го покажавме. По крајот на Првата и по крајот на Втората светска војна, сфативме дека не сакаме никогаш повеќе тоа да се повтори. Германија и Франција се соседни земји, Германците и Французите соработуваат заедно, се среќаваат и оваа соработка постои со години. Врз основа на ова пријателство, двете земји соработуваат многу тесно една со друга во рамките на ЕУ и се усогласуваме во однос на политиката за Западен Балкан едни со други“, рече германскиот амбасадор Томас Герберих.
По повод одбележувањето на 11 ноември 1918, покрај општинската делегација предводена од претседателот на Совет на општина Прилеп, Миле Талевски, венци положија и делегации на Министерството за одбрана, АРМ, претставници од дипломатскиот кор во Македонија, политички партии и др.
На настанот не присуствуваше градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски.