По повод големиот христијански празник „Св. Архангел Михаил“ или меѓу народот познат уште како Аранѓеловден, градоначалникот Марјан Ристески и Претседателот на Совет на Општина Прилеп Никола Димески, го посетија манастирот „Св. Архангел Михаил“ во населбата Варош.
Мештаните, ја почитуваат долгогодишната традиција и со сите верски обреди го одбележаа овој голем христијански празник.
Градоначалникот Ристески користејќи ја оваа пригода на сите православни граѓани им го честита светиот ден, посакувајќи им благосостојба и добро здравје. Градоначалникот посочи дека секоја година на овој празник е присутен во овој манастирски комплекс кој наскоро ќе ја добие темелната реконструкција на источниот конак од манастирот „Св. Архангел Михаил” во Варош. Третата фаза ги опфаќа активностите околу завршните работи на подовите, таваниците, поставување на санитаријата и монтирањето на вратите и прозорците на новиот конак кој се гради на површина од 292 метри квадратни.
Градоначалникот Марјан Ристески и Претседателот на Совет на Општина Прилеп Никола Димески, присуствуваа и на Светата Божествена литургија со која чиноначалствуваше Владиката Петар.