Со пригодна програма и положување на цвеќе пред бистата на Св. Климент Охридски, истоименото училиште од Прилеп денеска го започна одбележувањето на својот патрон празник.
На положувањето на цвеќе му претходеше литературно читање и ликовна работилница, а во текот на денот ќе се одржат и спортски натпревари.
“Ние никогаш не го имавме видено без работа, туку секогаш, дење и ноќе ги учеше младите да читаат и пишуваат на различни начини, некому покажуваше како се пишуваат буквите, на другите им ја појаснуваше смислата на Писмото, а на трети пак им ја водеше раката за да пишуваат. Понекогаш во исто време правеше две работи, пишуваше книги и ги подготвуваше младите за некоја наука” – напишаа од училиштето во чест на Светиот Климент Охридски.
Инаку, ова основно училиште во Прилеп важи за едно од најуредените и со најдобри услови за работа, не само во градот под Марковите Кули, туку и на ниво на целата држава.
Родителите се горди што нивните деца посетуваат настава во ова училиште, а наставниците се благодарни на одличните услови за работа.
Нека е честит и нека е вечен споменот на духовникот и еден од најистакнатите ученици на светите браќа Кирил и Методиј, како и прв македонски архиепископ – Светиот Климент Охридски.