Голем интерес за инвестирање во фотоволтаични централи во општина Новаци (Фото)

Во услови на енергетска криза која се повеќе е актуелна не само во нашата држава туку и во светски рамки, се повеќе се зголемува интересот кај приватните инвеститори за вложување во фотоволтаични централи, биогасни централи и други слични начини на поизводство на енергија од обновливи алтернативни извори. Во изминатата недела, градоначалникот на општина Новаци, Стевче Стевановски оствари неколку средби со заинтересирани приватни инвеститори.

„Интересот за изградба на фотоволтаици, биогасна централа и сл. е особено голем заради местоположбата на општината. Според разни мерења и истражувања кои се направени се покажало дека Новаци има најголем број на сончеви денови во годината. Нема ден а да не се актуелизира ова прашање во нашите служби. Само во текот на оваа недела остварив три четири средби со потенцијални инвеститори кои сакаат да се информираат за постапката, парцелите, логистиката на локалната самоуправа и сл. “ рече градоначалникот на општина Новаци, Стевче Стевановски.

Како локална самоуправа наша должност е на сите заинтересирани инвеститори да му обезбедиме комплетна логистичка поддршка, потребна документација, решенија за градба, урбанистичка документација, да им помогнеме во воспоставување на линковите со другите институции како ЕВН и други одлуки од наша надлежност и сл, рече Стевановски.

„Деновите остварив средба со претставници од Механотехника и инвеститорот Солар Ват Доо Битола кои кај нас имаат поднесено барање за изградба на две биогасни централи до 1 MW кои ќе се градат на КП 222/37 и КП 222/38 КО Добромири. Во моментот работиме на проблематиката околу спроведување на среднонапонски кабел до локациите. Исто така имаме една локација за изградба на фотоволтаична централа која има одобрение за градба на КП 658/2 КО Новаци и се чека наскоро инвеститорот да започни со градба а уште една инвестиција е во постапка за изработка на урбанистичка документација “ рече градоначалникот на општина Новаци Стевче Стевановски.

Во општина Новаци од пред десеттина години успешно функционира фотоволтаичната централа Мегасолар од Скопје со капацитет од 1 мегават инвестиција вредна 3 милиони евра , која беше прва од ваков тип во Македонија.

Локалните власти од општина Новаци очекуваат ваквиот интерес и постоечките инвестиции кои се покажаа како успешни да мотивираат и други инвеститори, посебно за изградба на ветерници за произведство на електрична енергија а кои беа претставени како предлог проекти во изборната програма на градоначалникот Стевановски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.