Во прилепската болница денеска за прв пат беше успешно изведена сложена хируршка интервенција на рбетниот столб. Операцијата конкретно беше изведена на конкретно на лумбалниот сегмент, и ова е прва ваква операција изведена надвор од Скопје и Охрид, што претставува значаен исчекор за нашиот регион.
Операцијата беше изведена од Д-р Игор Мерџановски, во координација со колегите од Клиниката за ТОАРЛИУЦ, тимот од Одделението за ортопедија и трауматологија при прилепската болница, како и анестезиолозите Д-р Маргарита Пирганоска и Д-р Александар Димитровски. Интервенцијата помина успешно, уредно и без компликации, а на пациентот му посакуваме брзо и целосно закрепнување.
-Со дисперзијата на здравствените услуги од терциерно кон секундарно ниво, ја зајакнуваме децентрализацијата и ја враќаме довербата во здравствениот систем. Овој значаен потег овозможува пациентите да ја добијат потребната нега во својата матична установа, со што се намалува времето на чекање во другите болници и се редуцираат финансиските трошоци и товарот за пациентите. Нашата визија е ваквите интервенции да станат редовна и стандардизирана практика во нашето Одделение за ортопедија и трауматологија. Со тоа не само што ги растеретуваме клиниките во Скопје, туку и активно придонесуваме кон развојот на регионалните центри и поголема достапност на квалитетни здравствени услуги за сите граѓани. Искрено им се заблагодаруваме на сите кои учествуваа во организацијата и реализацијата на овој значаен оперативен зафат. На пациентот му посакуваме брза рехабилитација, а на нашиот тим – уште многу идни успеси и бројни задоволни пациенти – стои во соопштението од болницата “Борка Талески” Прилеп.



























