Заврши авантурата на Давид Бабунски во Јапонија каде настапуваше за тимот на Јокохама. Фудбалерот кој досега во кариерата покрај во јапонскиот клуб има настапи и за Барселона Б и Црвена Ѕвезда ќе бара нова фудбалска средина.
Кај фановите на Вардар има голема желба Бабунски да пристигне во Скопје и доколку клубот успее да ги исполни финансиските барања на 24 годишниот фудбалер, можно е него да го гледаме во дресот на тимот кој лани настапуваше во групната фаза од Лигата на Европа.
Давид беше лидер и капитен на младинската репрезентација на Македонија, со која имаше и настап на Европското првенство за фудбалери под 21 година во Полска. Во сениорскиот тим поретко добива шанса, а причината за тоа е најмногу поради тоа што настапуваше во Азија досега, но со неговото враќање на европско тло може да се очекува да има повеќе настапи за селекцијата.
Давид Бабунски е роден на 1 март 1994 година и е македонски фудбалер кој игра на позицијата лево крило. Покрај македонското, тој поседува и шпанско државјанство. До сега тој играше за јапонскиот клуб Јокохама Ф. Маринос.
Бабунски настапувал за екипата на „Барселона Б“, за која одиграл 16 натпревари во сезоната 2014-2015. Во јуни 2015 година, италијанскиот портал „Туто меркато“ објавил дека Бабунски потпишал за „Сампдорија“. Сепак, оваа најава не се остварила и Бабунски останал во Б-екипата на „Барселона“, која го пријавила на потенцијалниот список за настап во Лигата на шампионите во сезоната 2015-2016. Во февруари 2016 година, Бабунски станал член на ФК „Црвена ѕвезда“ од Белград.
Инаку, на почетокот на оваа сезона тренер на Вардар беше токму таткото на Давид, Бобан Бабунски, кој беше сменет од таа позиција.