Големо литургиско торжество во Света Петка. Денес, кога Светата Црква празнува троен Празник на Покровот на Пресв. Богородица, Светиот преподобен ангелогласен отец Јован Кукузел и Св. Роман Слаткопевец, со духовно благоговение беше отслужена Света Божествена Литургија во прилепскиот храм на Св. Петка.
На Литургиското благодарење претходеше Празничната Воскресна Утрена, на која беше отпеан и богородичниот полиелеј “Слово благо”. Четири хорски ансамбли, со благочестива усрдност ги пееја Литургиските химни.
Покрај нашите два хора, Хорот “Света Петка” и Црковниот хор “Свето Благовештение”, со особено музичко благоприличие членовите на Хорот “Св. Илија” од Скопската епархија, го збогатија духовниот празник.
Радоста ја умножија и малите кукузелиња на Св. Петка, кои покрај две песнопеења, го прочитаа Символот на Верата и Отче наш.
На крајот, пред иконата на Свети Јован Кукузел, беше осветен празничниот колач и од устите на сите четири хора, заедно со благочестивите присутни православни христијани се слушна Многаја лета, Во здравје и спасение…
По молитвената и духовна трпеза, за сите учесници беше организирано послужување и трпеза на љубовта.
Гостите од Скопје, потоа ја посетија и прилепската соборна црква “Свето Благовештение”, во која духовно раснеле многу наши преродбеници меѓу кои се Марко Цепенков, Митрополит Методиј Кусев и секако првиот современ македонски композитор Атанас Бадев.
Нека Покровот на Мајката Божја, Пресветата Владичица наша Богородица постојано ги закрилува сите оние кои со љубов го чествуваат овој Празник.
Нека и нас, Господ, по молитвите на Свети Јован Кукузел и Св. Роман Слаткопевец, нѐ удостои секогаш со љубов да И` пееме на Неговата Мајка.
Им благодариме на сите кои придонесоа за убавината и благолепието на денешниот ден.
На Многаја и Благаја Лета.