Истанбулската полиција денеска презеде акција во зградата на Судската палата во квартот Картал, во Истанбул, во рамки на истрагата против терористичката организација на Фетула Ѓулен (ФЕТО), која турските власти ја обвинуваат за организирање на обидот за преврат од 15 јули, информира весникот „Милиет“.
Главното обвинителство на Истанбул издало наредба за апсење на 83 службеници од судската палата. Екипи на полицијата ги претресуваат службените канцеларии на осомничените. Заради операцијата блокирани се излезите од зградата.
Полициски екипи вчера приведоа 136 службеници за време на операции во три истанбулски судови, во рамки на истрагата за обидот за преврат од пред еден месец.
Агенцијата Анадолија пренесе дека Главното обвинителство во Истанбул издало наредба за апсење на 173 службеници во трите суда, што се наоѓаат во квартовите Чаглајан, Бакеркој и Газиосманпаша. Од нив, во вчерашните акции беа приведени 136 лица.