Најдобриот актер во државата Владо Јованоски, утре ќе присуствува на граѓанскиот марш во Прилеп со почеток од 18:00 часот.
Актерот херој, како што го нарекоа граѓаните, пред извесно време за својот искажан став на својот Фејсбук профил и покажаната загриженост за она што би можело да се случи со Македонија, поради прифаќањето на албанската платформа од страна на лидерот на опозицијата Зоран Заев, беше жестоко нападнат од страна на соросовите портали, активистите и први луѓе на СДСМ.
Од друга страна огромен број граѓани и интелектуалци застанаа во негова одбрана, поддржувајќи го неговото дело и огромни актерски достигнувања.
Владо Јованоски гостуваше во неколку дебатни емисии каде го образложи својот став и каде директно се судри со неговите противници, кои беа замолкнати.
– Многу лесно се изговараат зборови, фашистичка влада, фашистички режим, диктатори, каде бевте вие како новинари и миротворци да се спротиставивте. Епа извини, тој прекар Кодош не ти го дала власта. Не тврдам јас, такво име ти ставиле. Знаеш како викаат, да не ти излезе име… Овој отстрел е како Шишков кога го отстрелаа, а колегите го кодошеа. Ти само ми даде шлагворт. Јас не велам дека си кодош. Мене ме викаат Лале, него го викаат Кодош, што да правам, прекар е тоа, рече Јовановски обраќајќи му се на Арсовски во дебатната емисија.
Зборовите на Јовановски се однесуваа на тоа што уште пред неколку години, во јавноста се појавија информации дека Арсовски во далечната 1979 година, бесрамно го клеветел својот колега Ристо Шишков.
Синоќа Владо Јованоски беше дел од масовните граѓански протести за зачувување на унитарноста на државата во главниот град, од каде упати моќна патриотска порака на која ниту еден Македонец кој си ја сака државата нема да остане рамнодушен.
-Чувствувам достоинство кај Македонскиот народ, чувствувам храброст и одважност. Чувствувам одговорност за сегашноста и за иднината. Чувствувам дека сите што се собрани овде имаат воловско срце јуначко, „cor bovinum“, изјави легендарниот актер.
–Јас знам, сите ние, кои долги години живееме во сиромаштија дека без леб не се живее. Но, не се живее и без достоинство, колективно. Не сакам да бидам член на народ кој се самоукинал. Сакам со мојата маленкост колку можам да помогнам, да го зачуваме она што нашите предци ни го оставиле како аманет. Нашите предци кои се бореле во бројни востанија, реки крв се лиеле за оваа татковина. Не сакам да бидам преседан во светската историја и цивилизација дека припаѓам на народ кој сам себе се укинал на зелена маса. Тоа нема да го дозволиме на никого! Да живее Македонија! – изјави Јовановски.