Глас за Македонија: Кој сакал да го поткупи Министерот и зошто не пријавил?

Политичката партија Глас за Македонија ќе бара ОЈО – Скопје да го испита случајот со понудениот поткуп со министер во Владата, како официјална проверка на неговите искажани наводи во телевизиски настап.

„На ден 26.01.2021 година, министерот Горан Милевски во емисијата “Само вистина“ на Канал 5, во живо и пред целата јавност изјави дека во 2014 година кога беше избран за пратеник (и тогаш и сега во улога на службено лице) му бил понуден поткуп во износ помеѓу 100.000-300.000 евра за да влезе во Собранието, а кој тој наводно го одбил. Непријавувањето на поткупот е кривично дело по Чл. 363 и Чл. 364 од КЗ, за што му следува парична казна или казна затвор од 1-3 години. Истовремено, направи дрски инсинуации на моја сметка, за што ќе поднесам приватна тужба за клевета според Чл. 172 од КЗ. Правниот тим на политичката партија Глас за Македонија официјално ќе достави допис до Основното Јавно Обвинителство – Скопје, а и до ДКСК, како иницијатива за официјална проверка на неговите јавно искажани наводи. Ова многу кажува и за моралниот интегритет на еден висок владин службеник, кој сите ние го плаќаме од народни пари. Ќе бараме ОЈО – Скопје да го испита целиот случај со понудениот поткуп на министерот во Владата на Зоран Заев, Горан Милевски.

Секојдневно сме сведоци на криминални случаи во кои се инволвирани владини и други државни службеници, нивни роднини и пријатели, случаи кои на крајот завршуваат без разрешница. Прикривањето на криминалот, како во овој случај, е најголемата закана за правната држава и е промоција на неказнивост, што стана евидентна одлика на Владата чиј висок функционер е посочениот министер. “Криминалот во највисоките ешалони на власта“ е впрочем редовно посочуван во секој извештај на Европската Комисија, се вели во соопштението на Глас за Македонија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.