Последните години се навикнавме да ги гледаме нашите ракометни репрезентативци редовно на големите натпреварувања, Европски и Светски првенства. Тоа се должи пред се на искуството со кое располага оваа генерација, како и на созревањето на повеќе млади играчи, кои одлично се вклопија во репрезентацијата. Европското првенство во Полска е можеби најтешката препрека која до сега ја имала пред себе оваа генерација, предводена од генералот Кире Лазаров. Имајќи во предвид дека во групната фаза ги имавме за противници моќната Франција, секогаш борбената и домаќин на првенството Полска, како и младата квалитетна репрезентација на Србија, можеме да кажеме дека нашите ракометари одиграја сјајно и заслужено продолжија во наредната фаза. Имавме можност да гледаме лавовска борба во сите три меча, видовме жилава борба во сите 60 минути со сите три противници, момците буквално го оставија срцето на терен и докажаја што значи за секој од нив да се бори за државното знаме и за државната чест.
Да можеби можевме да пренесиме 2 или 3 бода во наредната фаза, но тоа се само празни зборови на поединци кои сакаат да најдат дамка на перфектното издание во оваа прва фаза.
Она што посебно иритира и она што посебно ги боли, се секако лошите и нереални критики кои ги упатуваат поединци кон нив, луѓе кои не ја чувствуваат таа нивна желба и глад за победа и успех, луѓе кои само на неуспесите имаат што да кажат и на некој начин да се израдуваат.
Не одигравме со Хрватска, можеби ги одмаравме главните адути, можеби не беше нивниот ден, можеби Хрватска е пресилна, како и да е има уште два меча, мотивацијата и моралот кој со сигурност постои во нашиот табор е на огромно ниво. Имаме противници кои со сигурност можеме да ги победиме. Ако некој сака да победи се сигурно прво тие : Лазаров, Мојсовски, Манасков, Ѓорѓиоски и сите останати, ако сака некој да ја израдува целата нација, тоа се тие. Наше е да ги поддржиме, да бидеме со нив и кога блескаат и кога не им е денот. Немаме друга репрезентација, тие се нашиот адут. Не заборавајте дека не кренале на нозе, дека ја воздигнувале и палеле целата држава, не заборавајте дека тие се нашите амбасадори, луѓето на кои треба да им се симне капа, луѓето на кои треба да се биде горд што си Македонец, тие се луѓето преку кои многумина дознале што е и која е Македонија.
Критиката е на место, но кога е добронамерна. Но не заборавајте такви критики можат да дадат стучни и компетентни личности, луѓе кои се занимаваат со спорт. Критиките од грлата на поединци, кои се резултат на испијани 5-6 пива во кафиќ за време на утакмицата, не значат ништо.
На крајот неколку збора за нашиот прилепски МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА Даниел Дупјачанец. Дебитант во репрезентацијата, но исто така гладен за победа и докажување. Својот квалитет го докажа со тимот на Металург оваа сезона, каде со искуството и своето знаење и помага на младата екипа. Имавме прилика да го видиме на голот за време на натпреварот со Храватска, имаше неколку сјајни одбрани, веруваме дека ќе добива повеќе минутажа и дека фантастичните одбрани од Металург ќе ги преслика и на репрезентативниот гол.
Тој е производ на плодната ракометна почва Прилеп, каде со подемот на ракометот последните 2-3 години и брзото чекорење напред на Ракометниот Клуб Прилеп, се очекува повеќе играчи да стигнат до репрезентативниот дрес во иднина.
Даниел пред почетокот на првенството ги поздрави читателите на маркукуле.мк, а на разочарување на прилепската публика, блескаше на голот на Металург во дуелот со РК Прилеп.