Гимназијата “Мирче Ацев” е темелот на интелектуалната фела во Прилеп

Гимназијата “Мирче Ацев” била и ќе остане темелот врз кого се крепи и развива интелектуалната фела од градот Прилеп. Со својата осумдесетгодишна традиција, Гимназијата се уште претставува расадник на таленти и поддржувач, поттикнувач, осознавач и водич низ образовниот процес на младиот човек во Прилеп.

Таа повеќедецениска традиција на реализација на воспитно-образовниот процес во Гимназијата е плод на наставничкиот кадар кој со неуморен дух и максимален влог во својата педагошка работа пронајдува, осознава, поттикнува и поддржува млади кои со својата дарба го претставуваат лицето на училиштето, а се претставуваат и себеси со свој посебен идентитет и интелект кој подоцна испливува на површина во морето професионалци.

Доказ и непобедлив факт за успешноста на некогашните, а и идните гимназијалци се и овогодинешните вкупно 47 освоени први, втори и трети места на државни и меѓународни натпревари на учениците.

Тоа претставува гордост за едно училиште, гордост за градот Прилеп и поттик и мотивација за уште поголема бројка на добиени први места во различни области на учениците, бидејќи ретко кое училиште од државата може да се пофали со ваков успех во само една учебна година.

Да споменеме дека овие 47 награди се освоени први, втори и трети места по предметите: хемија, физика, биологија, географија, математика, македонски јазик, англиски и германски јазик, први освоени места на државните натпревари по соло пеење, едно прво место за оркестарот и училишниот бенд, први места по спорт.

Исто така, тука ги издвојуваме и пласманите на учениците на Светските олимпијади по хемија и информатика во Египет и во Риад, каде ќе ја претставуваат државата.

Зад овие заеднички успеси стои посветена работа и максимална поддршка на учениците кои после овие успеси и училишни подвизи можат цврсто да чекорат кон патот на знаењето и успехот!

Гимназијата е, била и ќе остане цврста основа врз која младиот човек може да ги проширува и зголемува знаењата, а знаењето е моќ- клуч со кој се отвора вратата зад која стои успехот!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.