Гимназијалецот Петар Мирчевски oд Прилеп ќе ја претставува Македонија на две светски олимпијади по хемија

После напорниот но успешен циклус на натпревари по предметот хемија(oпштински, регионален и државен натпревар) и освоена прва награда на државниот натпревар, ученикот Петар Мирчевски од II година на СОУ Гимназија “Мирче Ацев”- Прилеп, под менторство на проф.Блаже Димески се здоби со шанса да учествува на подготовки за светската олимпијада по хемија.

„Ова е неверојатно достигнување на Петар или уште подобро кажано вистински подвиг, затоа што за отприлика шест месеци го совлада редовниот материјал од II,III и IV година и на 26 јануари 2023 година, во првиот селекционен натпревар се пласира меѓу десетте најдобри ученици.Со тоа се стекна со правото да продолжи со подготовки на Природно-математичкиот факултет при Институтот на хемија, кои се состоеа од предавања и практични експерименти прилагодени на материјалот предвиден за олимпијадите. Мора да се каже дека материјалот што треба да се совлада за влез во Олимпискиот тим е скоро цела теориска и применета хемија а се изучува од литератури од светски најпознатите автори, истите оние кои се учат и на најреномираните универзитети“-вели менторот Димески.

На Вториот Селекционен натпревар, одржан на 8 и 9 април,Петар Мирчевски го освои второто место и стана дел од тимот кој што ќе ја претставува нашата држава на Интернационалната Менделеева Хемиска Олимпијада (IMChO 2023) во Астана, Казахстан од 30ти април до 6ти мај.
По враќањето на македонскиот тим од споменатата олимпијада, со организаторот на тимот професор Д-р Миха Буклески, следат повторно кратки подготовки за Интернационалната Хемиска Олимпијада (IChO 2023) која ќе се одржи на лето во Цирих, Швајцарија.

Најдобро е што тој ќе има шанса и следните години да се натпреварува за олимпискиот тим и да биде се подобар и подобар.Исто така, со самото учество на овие натпревари понатаму ќе му бидат ширум отворени вратите на сите светски универзитети.

Да му посакаме се најдобро и многу успех и да ни ја претстави гимназијата, градот и државата во најдобро светло!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.