Вредни дечиња! Ја поддржаа идејата на својата другарка и засадија 2.000 дрвца во опожарениот дел на Селечка Планина (ФОТО)

Денеска се одржа акција за пошумување и засадување на садници на опожарените делови на планината Селечка, во близина на манастирот Св. Димитрија кај село Селце.

Се засадија 2.000 садници кои ги обезбеди ООУ ,, Кочо Рацин’’ и конфекцијата “Тила”, а во акцијата за пошумување беа вклучени ученици од основите училишта, вработените од Македонски шуми, јавните претпријатија, стопанственици и граѓани.

Деветгодишната Mиа Шекероска ја предложила оваа идеја пред своите соученици од IVа одделение во ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп, за време на изборот на претседател на класот. Предизвик, а воедно и цел, на ова дете било да направи нешто што би било добро за сите дечиња, со што ја добило довербата на неговите соученици.

Со цел да се реализира оваа добра мисла, „Тила“, како општествено одговорна компанија чиј свет е исто така детскиот свет и нивните потреби, ги поддржа најмладите, заедно со одделенскиот наставник Анета Станкоска и директорката на училиштето – Јулијана Тренкоска.

– Кога се децата во прашање, ние имаме слух за нивните потреби, се разбира во рамките на нашите можности. Досега сме помогнале со разни донации на гардероба од нашиот бренд, но овој пат наидовме на нешто сосема поразлично. Искрено и од сѐ срце ја поддржуваме оваа идеја за да испратиме убава порака до сите дечиња, па и до нас возрасните, за тоа колку малку треба за да се направи едно добро дело – вели управителот на „Тила“, Ивана Зајкоска.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.