Вредните прилепски домаќинки подготвуваат 70.000 мали посни сармички: Во Прилеп по полн ек подготовките за градската слава Св. Никола (ФОТО)

По 14-ти пат оваа година Прилеп и прилепчани ќе ја дочекаат градската слава во чест на заштитникот на градот Свети Никола.

Во четврток на 19-ти декември, во центарот на Прилеп одново ќе биде поставена празничната трпеза која и оваа година ќе биде богата со вкусните посни специјалитети, а главното место го имаат светиниколските посни сармички.

Во просториите на студентскиот дом „Орде Чопела“ во Прилеп, педесетина жени од 4 граѓански здруженија подготвуваат 70.000 мали посни сармички.

Годинешен домаќин на градската слава е семејството Небрежанец. Причината заради која се одлучиле да бидат домаќини, е негувањето на верата и традицијата кои сакаат да го пренесат во наследство на трите ќерки.

„Чест и задоволство е што нашата фамилија годинава е домаќин на градската слава ‘Св.Никола’. Инаку ова не е наша домашна слава, ние ја празнуваме ‘Св.Архангел Михаил’, но сакаме традицијата да ја пренесуваме од колено на колено. Искрено се надевам дека и моите три ќерки ќе ја продолжат таа традиција. За големата прослава што ќе се одржи во четврток во центарот на градот, се подготвуваат скоро 70.000 илјади сармички, околу 2.000 парчиња риба, грав, маслинки, алкохолни и безалкохолни пијалоци. Во името на заедништвото, почитта, љубовта, ги поканувам сите наши граѓани во центарот на Прилеп, заедно да чествуваме и да ја вкусиме светиниколската трпеза. Мојата препорака е секој кој се чувствува подготвен, да ја прифати оваа слава, бидејќи сето ова ни дава поголема амбиција и самиот момент не’ прави повесели“, истакна Кире Небрежанец, кум на градската слава „Св.Никола“.

Љубица Петреска, претседателка на здружението „Мајка Традиција“, со големи емоции вели дека без никаков проблем 55-те жени ги виткаат традиционалните сарми.

„Сармите се виткаат од се’ срце, со љубов, со песна. Ова е нешто навистина прекрасно, возбудливо. На посната трпеза која ќе се одржи во центарот на градот, сармата ќе беска на поставената софра. Но софрата секогаш е надополнета и со вкусно гравче, маслинки, со ракија и вино. Благодариме на домаќините кои не’ зближуваат секоја година и не’ собираат сите заедно на богата посна трпеза на градскиот плоштад“, вели Петреска.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.