Во 124 основни и средни училишта може да почне едносменска настава, бројката може да се зголеми

Од први септември 124 основни и средни училишта можат да почнат со настава во една смена. Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека со дел од училиштата сѐ уште се разговара, а дел веќе самостојно одлучиле од септември да почнат со едносменска настава.

-Во тек е и анализата што ја прави Министерството за образование и наука, а ни помага и Светска банка, што точно ќе покаже кои училишта имаат можност да работат само во една смена. Според првичните сознанија, уште 50-тина училишта, со доградба на една до пет училници, би можеле да работат само во една смена, изјави министерката Јаневска.

Појасни дека овозможувањето едносменска настава е приоритет на Министерството и во следните неколку години ќе се вршат прилагодувања на сите училишта.

Со тоа ќе се промени и самиот начин на учење и ангажирањето на наставниците, а за учениците ќе значи подолг престој во училиште исполнет со различни дополнителни наставни и воннаставни активности, кои во светот се покажале корисни во образовниот процес.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.