Во организација на Македонската спортско качувачка фeдерација, СКК „Златоврв“ – Прилеп и Општината Прилеп, денeска во околината на градот се одржа, седмиот по ред,„Крали Марко болдер фестивaл“, кој претставува еден од најзначајните меѓународни спортски настани што се организираат во Македонија и Прилеп.
На него, годинава зедоа учество над 100 натпреварувачи од Македонија како и од повеќе европски држави: Словенија, Австрија, Албанија, Бугарија,Чешка…
Ева е од Варна , Бугарија , и на болдеринг фестивалот е дојдена со својот син, кој е љубител на болдерингот. Таа вели дека болдерингот го засакала покрај него и дека овој спорт е одличен за здравјето и за развој на психофизичката кондиција. „Пред неколку години слушнавме за карпите во Прилеп и дојдовме тука да се запознаеме со овој крај и заедно да уживаме во искачувањето „- вели таа
Гедарт од Австрија, Виена, е долгодоишен болдерист, кои за прв пат е во Прилеп. „Тука има прекрасна природа, човек се чувстува релаксирано и сконцентрирано. Има интересни качувачки карпи, високи од 4 – 5 метри, кои го креваат адреналинот. Вистинско место за овој спорт “- вели тој
Дарко од Македонија се занимава со овој спорт веќе 15 години. Неговата специјалост е искачување карпи високи од 5 до 8 метри.„Болдерингот е посебна гранка во спортското искачување, каде не ти е потребно јаже, само патики за качување по карпи, а другото ни го дала оваа убава природа ,на „Камена баба во Прилеп“- вели тој
Поради погодната конфигурација на уникатните карпи од вулканско потекло, кои се наоѓаат околу Прилеп, на локалитети „Камена Баба“, „Маркови кули“ и „Трескавец“, Прилеп веќе неколку години е мега дестинација за болдерингот, односно за сите качувачи на карпи, од целиот свет.
Годинава натпреварот во болеринг, наместо на “Трескавец“ се одржа на терените на локалитетот „Камена Баба“, во близина на вештачкото прилепско езеро, а за прв пат, покрај возрасните групи на качувачи, се вклучија и помладите спортисти, кои успешно и дисциплинирано ги учеа вештините за качување од повозрасните и искусните.
Организаторите СКК „Златоврв“ – Прилеп и Општина Прилеп, велат дека ова е одлична можност за промовирање на градот и Македонија.
„Сите болдеристи кои го посетуваат ова место, остануваат импресионирани од конфигурацијата на теренот и природата и понатаму ги промовираат овие терени, како одлична дестинација за болдеринг, и повторно се враќаат во Прилеп, во Македонија, со своите пријатели. Тоа е и целта на ваквите организации и одржувањето на ,„Крали Марко болдер фестивалот“, вели Ристо Белокапоски од СКК „Златоврв“ – Прилеп
„Со овој меѓународен куп ,„Крали Марко болдер фестивал“, Прилеп ја отвора сезоната на екстремни спортови: за планински велосипедизам, мото крос спортови, highline, ултра планинскиот маратон… со што и оваа година очекуваме да имаме илјадници посетители за сите овие спортови. Тоа ќе придонесе не само за промоција на Прилеп и Македонија, туку со тоа ќе се придонесе и за развојот на алтернативниот туризам и развојот на локалната економија.„- вели градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој го отвори болдеринг натпреварувањето.
За прв пат оваа година, на „Крали Марко болдер фестивалот“ организаторот обезбеди и парични средства за учесниците, како награда за првопласираните тројца натпреварувачи во машка и женска конкуренција, а беа доделени и благодарници и медали за најдобрите.
Инаку, болдерингот е еден од екстремните спортови кој е доста популарен во светот, а Прилеп, со квалитетните терени, одличната организција и поддршката од локалната самоуправа, прерасна во светска мега дестинација за одвивање на овој спорт и одржување на меѓународни и светски натпревари.
Болдеринг приказната за Прилеп, во неколку наврати се најде и на светските медиуми наменети за алпинизам, планинарство и туризам, со кои искачувањето на помали карпи, без никаква опрема ,го сместија Прилеп, во една од 10-те топ дестинации за болдеринг во Европа.