Градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески, вчера додели нови решенија за легализација, заклучно со кои досега се легализирани околу 8.500 дивоградби, од вкупно поднесените 15.367 барања за добивање на правен статус на објектот.
Градоначалникот Ристески уште еднаш ги потсети на големиот бенефит што граѓаните го добиваат со Законот за легализација.
„До 31 март да се поднесат барањата за легализација на дивоградби и активно да се искористи продолжениот рок. Елаборатите, пак, можат да се достават и до крајот на 2017 година. Сепак, за граѓаните кои веќе поднеле барања, рокот за достава на елаборати е до крајот на годинава“, посочи градоначалникот Ристески во неговата изјава.
Официјалните информации говорат дека постапувањето по барањата за легализирање на дивоградбите продолжува да се реализира согласно претходно проектираната динамика, по што Прилеп и понатаму останува на првото место на ниво на држава како по легализирани објекти, така и според изработката на деталните урбанистички планови.