Со Божествена литургија која се одржа во црквата Христово Воскресение во прилепското село Беровци денеска беше одбележана неделата на Св. Апостол Тома или кај народот позната како Томина недела. Инаку денешниот ден е слава на црквата каде присуствуваа голем број на жители, како од Беровци така и од другите населени места. На одбележувањето присуствуваше и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.
„Ние годинава сме домаќини за овој празник, како и секоја година го прославуваме традиционално со литургија, режење на славски колач и со давање на ручек за сите присутни. Здравје, успех и среќа за сите и нека е за многу години“, рече Маја Димоска Јандреска, домаќин на славата.
„Денеска присуствуваме на светата литургија по повод празникот Томина недела. Јас сум еден од домаќините и во оваа прилика на сите верници сакам да им го честитам празникот и нека е за многу години“, рече Пецо Димоски, домаќин на славата.
„Нека е за многу години денешниот ден, посакувам вака да се слави секоја година, да се пријавуваат што е можно повеќе домоаќини и да се зачува традицијата“, кажа Андријана Богоеска, домаќин за идната година.
Градоначалникот Ристески на сите верници им го честита денешниот ден и им посака многу здравје, успех и среќа.
„По повод празникот Томина недела традицонално како и секоја година го посетуваме населеното место Беровци. На сегашните и идни кумови им го честитам празникот, исто така и на сите празвославни христијани им посакувам здравје, радост, среќа, да имаат успех, а оние кои носат името на денешниот ден нека им е честит именденот“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Инаку според преданието на православната црква апостол Тома е еден од 12-те апостоли кој не бил тука кога Господ Исус Христос им се појавува на другите апостоли веднаш после неговото Воскресение. Кога тие му кажале што се случило тој неможел да поверува и кажал „Дури не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам“. Но кога после 8 дена од Воскресението пред него се појавил Христос и му рекол „Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои, дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои и не биди неверлив, но верлив“, апостол Тома се покајал и поверувал во Христовото Воскресение.