Во прилепскиот театар “Војдан Чернодрински” започнаа подготовките за претставата “Го викаа Господин”

Во театарот „Војдан Чернодрински“ започна подготовката на новата претстава во режија на Борис Василески.

„Го викаа Господин“ или можеби се уште „Го викаат Господин“, тоа се двата главни кандидати за име на претставата во овој момент – вели режисерот.

Автор на овој драмски текст е Филип Леле, современ германски автор кој го напишал овој текст во 2008 на негова триесетгодишна возраст.

-Претставата ќе ја следи приказната на Господин, човекот кој на донкихотски начин се решава да се бори против капитализмот, па така влегува во борба против целиот свет. Текстот сам по себе е силно врзан за современите случувања во поглед на овој доцнокапиталистички начин на живот и каква форма завзеде светот кога безрезервно се остави парите да го диктираат темпото на живот, а сите вредности што некогаш постоеле станаа петтостепени. Токму и од овие размисли потекна потребата за поставување на оваа претстава, за да можеме да направиме еден чекор назад и да се погледнеме од далеку на што изгледаме кога сме под влијание на парите. Публиката ќе има можност да погледне една фарса овој пат на сцената, која како и секогаш е сестра на комедијата. Во претставата ќе играат актерите Игор Трпчески, Даниела Иваноска, Димитар Ѓорѓиевски, Дарко Карбески и Наталија Ристеска, додека сценографијата ќе биде на Ненад Тонкин, костимите на Марта Дојчиновска, а музиката на Томе Темелкоски – вели Василески.

Премиерата се очекува на крајот од ноември. Проектот е од годишната програма за работа на театарот за 2024 и е поддржан од Министерството за култура и туризам.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.