Вредните домаќинки од Здружениjaта: “Китка”, “Орхидеја”, “Мајка традиција” и “Преродба” во Прилеп, и оваа година ја продолжуваат традицијата на подготовка мали посни светиниколски сармички, вкусно гравче и останати посни специјалитети.
Се подготвува трпезата за празнувањето на заштитникот на градот, ден кој за прилепчани е посебен.
Оваа година Прилеп одбележува 20 години од донесувањето на Одлука на Совет, со која Свети Николај Чудотворец, архиепископ Мирликиски, беше прогласен за заштитник на градот – јубилеј кој е причина плус во што поголем број да се собереме во центарот на градот и заеднички да се поклониме и помолиме на нашиот патрон.
Домаќини оваа година се компаниите “МАТАДОР” и “БИМФООД”, а догодина домаќин ќе биде “РУСТИКА КЕТЕРИНГ”.
Посната трпеза за петок се подготвува со многу љубов и во одлично расположение, а ние имавме можност одблиску да се увериме во мајсторијата и умешноста на прилепските домаќинки.
Одбележувањето ќе започне во 08:00 часот со Свечена литургија во храмот „Св. Благовештение“.
Централното чествување продолжува во 12:00 часот пред параклисот „Св. Никола“ во центарот на градот, каде ќе се изврши водоосветување и прережување на славскиот колач.
Веднаш потоа на плоштадот „Александрија“, ќе биде организирана традиционалната светиниколска посна трпеза, а празничниот амбиент ќе го збогати настапот на музичката група „Тајфата“ на Камената бина.
Повелете за Св. Никола во Прилеп! Нека е за многу години и напомош!
























