Во Западен Балкан, Северна Македонија добива најмногу помош од ЕУ по жител

Земјава ќе ги искористи 80-те милиони евра од Европската унија најверојатно како директна поддршка за најранливите категории граѓани и за микро и малите претпријатија до крајот на прогласената кризна состојба до крај на април.

Со помошта од 80 милиони евра, ЕУ испрати порака дека земјава и Западен Балкан не се сами во справувањето со енергетската криза. Итната буџетска помош која ќе биде достапна од јануари 2023 година, како што изјави Фон дер Лајен на заедничката прес конференција со премиерот Димитар Ковачевски, е сигнал дека ЕУ е заедно со Западен Балкан во енергетската криза и конечно ги дава тие сигнали дека почнуваат да се придвижуваат работите во смисла на евроинтеграцијата откако се отвори процесот на скрининг.

Парите, според зборовите на Фон дер Лајен, треба да и помогнат на земјата да се соочи со влијанието што зголемените цени на енергијата го имаат врз граѓаните и бизнисите.

500 милиони евра за енергетската криза

Исто така за земјите од Западен Балкан ќе бидат дополнително обезбедени 500 милиони евра преку Европскиот инвестициски план за инвестиции во обновлива енергија и енергетска ефикасност со цел намалување на зависноста од руските енергенси.

Како поддршка по жител, помошта која ЕУ ќе ја додели на Северна Македонија (43,6 евра по жител) е највисока во регионот, пред Косово (41,5 евра по жител), Албанија (28,6 евра по жител), Србија (24,3 евра по жител) и Босна и Херцеговина (20,0 евра по жител).

Според ЕУ, енергијата произведена дома ќе создава добри работни места и ќе ги направи земјите се понезависни од руските фосилни горива, а ќе и овозможи на Македонија да учествува во европската заедничка набавка на гас и течен природен.

ЕУ одлучи дека сака да купува гас на глобалниот пазар заедно со останатите земји, со што ќе се зголеми куповната моќ, а Македонија ќе се приклучи кон овој пазар за да се намалат цените на гас во ЕУ но уште поважно цените на електричната енергија.

За што ќе се трошат парите на ЕУ

Земјава ќе ги искористи 80-те милиони евра од Европската унија најверојатно како директна поддршка за најранливите категории граѓани и за микро и малите претпријатија до крајот на прогласената кризна состојба до крај на април. Од страна на македонското министерство за економија, веќе се доставени предлозите до Европската комисија и се очекува одговор.

Владата пак од претходно пред две недели по брза постапка го донесе новиот антикризен пакет вреден повеќе од 360,2 милиони евра.

Сепак потребна е совест кај пратениците и под итно да се изгласаат мерки што може да им помогнат на илјадници семејства од ранливите категории, пензионерите но и малите и средни претпријатија

Најголем процент од БДП за помош на граѓаните

Со претходниот сет мерки кој се спроведуваше од првите месеци во годината вкупната вредност на таргетирани мерки до сега достигна над 760 милиони евра, a тоа значи согласно проценките на Светска банка, вкупната помош на Владата досега изнесува околу 5% од БДП. За споредба, оваа помош во околните земји изнесува 2,5% од БДП на Србија, 2,1% во Косово, 1,4% во Албанија, 0,5% Босна и Херцеговина и 0,1% во Црна Гора.

Милијарда евра за енергетска поддршка и од Самитот во Берлин

Пакет енергетска поддршка за регионот на Западен Балкан Фон дер Лајен најави и по самитот во Берлин. Таа соопшти дека целта на самитот во Берлинскиот процес е продлабочување на економската интеграција и додаде дека пакетот енергетска поддршка за Западен Балкан во вредност од една милијарда евра ќе помогне во обликувањето на заедничката енергетска иднина.

-Тука сме да ја продлабочиме соработката. Почнуваме со енергија. Нашиот пакет енергетска поддршка за Западен Балкан, вреден една милијарда евра, ќе ни помогне да ја обликуваме заедничката енергетска иднина, изјави таа по самитот во Берлин.

За време на Самитот, како и за време на нејзината мисија во регионот минатата недела, претседателката најави значителен пакет енергетска поддршка од 1 милијарда евра грантови од ЕУ за да му помогне на Западен Балкан да ги реши непосредните последици од енергетската криза и да изгради отпорност на краток и среднорочен.

-ЕУ продолжува да стои зад Западен Балкан – и во добри времиња и во тешкотии. За време на пандемијата Ковид-19, мобилизиравме неспоредлив пакет од 3,3 милијарди евра за регионот и денес составуваме пакет енергетска поддршка од 1 милијарда евра за да ги заштитиме најранливите групи и да ги поттикнеме многу потребните инвестиции во диверзификација на енергијата. Ние инвестираме во економското ткиво на регионот за да напредуваме во транзицијата на чиста енергија и да излеземе позелени, посилни и поодржливи од тековната криза, изјави фон дер Лајен на конференцијата во Берлин.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.